Старо видео од говор на Путин залепено на неговите нови закани против Западот

Стар говор на Путин од 2022 година, со поинаква содржина, која се однесува на Крим, се става во актуелен контекст како небаре да се однесува на последиците кои би настанале по евентуална дозвола Украина да може користи странско оружје со долг дострел на руска територија

-

Во рецензираната објава се пропушта контекстот. Стар говор на Путин од 2022 година, со поинаква содржина, која се однесува на Крим, се става во актуелен контекст како небаре да се однесува на последиците кои би настанале по евентуална дозвола Украина да може користи странско оружје со долг дострел на руска територија. Ваквиот потег претставува поигрување, односно манипулација со контекстот, односно со смислата на обраќањето на Путин, пишува Вистиномер. 

Текстот го објавуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео материјал од говор на претседателот на Русија, Владимир Путин. Во склоп на објавата пишува:

Владимир Путин цврсто изјави дека ако САД и дозволат на Украина да користи ракети со долг дострел против Русија… Европа и сите земји од НАТО ќе бидат вовлечени во нуклеарна војна. „Нема да морате ни да трепнете кога ќе го спроведеме членот 5 од Римскиот договор“… Русија има најмногу потврдено нуклеарно оружје, со над 5.500 нуклеарни боеви глави.

Видеото и објавата се од 13 септември 2024 година, меѓутоа оригиналното видео од говорот кој што е споделен на тој датум, датира од многу поодамна. Во говорот Путин зборува за тоа дека „ако Украина се приклучи на НАТО и се обиде да го придобие Крим со воени средства, тогаш европските држави автоматски ќе бидат вовлечени во воен конфликт со Русија“, а не дека „ ако САД ѝ дозволат на Украина да користи ракети со долг дострел против Русија, Европа и сите земји од НАТО ќе бидат вовлечени во нуклеарна војна“.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс, видеото во кое Владимир Путин вели дека „ако Украина се приклучи на НАТО тоа ќе придонесе нуклеарен конфликт да биде поверојатен“, е снимено во февруари 2022 година, пред Русија да изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина.

Проверувачите на факти на Check your fact, исто така пишуваат дека оригиналното видео потекнува од Дејли Мејл и е вклучено во текст на медиумот од 2022 година.
Видеото не е ново, а овие изјави од видеото на Путин се од февруари 2022 година, недели пред Русија да изврши воена инвазија врз Украина, пишува Ројтерс.
Видеото не прикажува неодамнешен говор на Путин. Говорот кој е презентиран е после состанок кој претседателот на Русија го имаше со претседателот на Франција, Емануел Макрон, во кој тие дискутираа во 2022 година за потенцијален договор околу Украина, пишува Check your fact.
Точно е дека Путин изјави на 13 септември годинава дека „ако западните држави ѝ дозволат на Украина да користи оружје со далечен дострел за да напаѓаат внатре во Русија, тоа ќе значи дека НАТО ќе биде во војна со Русија“.

Но, видеото презентирано во објавата што ја рецензираме не го презентира тоа, туку стар говор на Путин од 2022 година пред Русија да ја нападне Украина.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во рецензираната објава се пропушта контекстот. Стар говор на Путин од 202 година, со поинаква содржина, која се однесува на Крим, се става во актуелен контекст како небаре да се однесува на последиците кои би настанале по евентуална дозвола Украина да може користи странско оружје со долг дострел на руска територија. Со ова се прави обид за манипулација за да се промовираат и засилат заканите на Путин и Русија врз државите што воено ја помагаат Украина да не го прават тоа или барем да ги намалат испораките на оружје. Ваквиот потег претставува поигрување, односно манипулација со контекстот, односно со смислата на обраќањето на Путин.

hubmk

Путин не е цар на православието и не придонел за постоењето на Македонија

Објава на Фејсбук му го честита 72-от роденден на рускиот претседател Путин, тврдејќи дека без него дури не би постоела Македонија, па дури ни православието, чиј лидер или цар...