Објавена тријазичната стихозбирка „Млади поетски пера – Стиховите градат мостови“

фото: „Крик 094“

Деновиве излезе од печат тријазичната збирка поезија „Млади поетски пера – Стиховите градат мостови“, во која се сместени песни од млади автори на возраст од 16 до 35 години.

Книгата е објавена во рамки на истоимениот проект на Здружението за култура „КРИК 094“ од Гостивар.

„Задоволството да се создаде квалитетна збирка поезија од млади автори, со различен стил и сензибилитет, е навистина големо. Дотолку повеќе што песните се објавени на македонски, албански и на турски јазик. Сето тоа води кон афирмирање на младите поети, сполотување на различните култури и јазици преку стиховите“, велат од „Крик 094“.

Во книгата се застапени осумнаесеттина автори, а препевот го направија Афродита Џафери и Илкер Јусуф.

Во текот на претстојната недела, стихозбирката ќе им биде доставена на поетите и ќе биде поделена во јавни библиотеки.

Проектот „Млади поетски пера – Стиховите градат мостови“ е реализиран со поддршка на Министерството за култура.