Објавен Меѓународен конкурс за стрип на слободна тема

Фото: Стрип Центар Велес

Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес го објави Меѓународниот конкурс за стрип. Право на учество имаат автори од целиот свет, без разлика на полот и возраста, а темата на стрипот е слободна.

Должината на стрипот треба да биде од 1 до 6 табли, и тоа на А4 формат или мин.300дпи ако се испраќа по електронски пат. Доколку стрипот е на една страна треба да биде со најмалку 5 сликички. Ако стрипот е изработен во боја, препорачливо е истиот да се испрати преку пошта или достави лично. Притоа, стриповите нема да бидат вратени бидејќи со самото испраќање организаторот се стекнува со право да ги објавува и презентира заедно со авторите во склоп на промоција на своите активности.

Секој автор билo цртач, туш, колор може да учествува со само еден стрип, со исклучок за сценаристите каде се дозволува едно лице да направи сценарио за повеќе стрипови. На еден стрип може да работат повеке автори, притоа да се наведе кој што направил: сценарио, молив, туш.

При испраќањето на стрипот, потребно е да се испрати лична биографија, име и презиме со фотографија, дата на раѓање, адреса, и држава од каде е авторот, електронска адреса, како и година кога е нацртан стрипот. Исто така, на сите стрипови треба бидат наведени авторите како и називот на стрипот. Пристигнатите стрипови, без овие информации, нема да бидат земени предвид за награди.

Стриповите од македонски автори треба да бидат на македонски јазик и кирилско писмо.

Од Стрип центарот информираат дека сите пристигнати стрипови ќе бидат земени во конкуренција за излагање во склоп на изложбата во склоп на Салонот на стрип со реална можност за друг вид на промоција.

Пристигнатите стрипови ќе бидат разгледани од тричлена интернационална комисија којашто ќе направи избор и ќе ги предложи следните награди: прва награда, 200 евра, „Златен стрип“ и диплома за прво место, а втора и трета награда ќе добијат дипломи за соодветните освоени места. Освен овие награди, ќе бидат доделени и награда диплома за најдобро сценарио, награда диплома за најдобар млад автор до 18 години и други специјални награди.

Рокот за испраќање стрипови е до 20 септември 2021 година.
Стриповите може да се испратат на адреса: Стрип Центар на Македонија – Велес (за конкурсот) Ул. Васил Горгов, бр.78 ,1400 Велес, Република Македонија или пак, преку електронска адреса: [email protected]