Објавен е повикот за аплицирање за субвенциониран студентски оброк

Студентите ќе може да ги трошат средствата наменети за субвенциониран оброк кај даватели на студентски оброк, кои се правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна единствено преку картичката на Шпаркасе банка

Илустрација: Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) денеска го објави повикот за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2023/2024 година.

Министерството ги повикува да се пријават сите студенти кои ги исполнуваат условите: кои се државјани на Република Северна Македонија, кои се редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, кои не се во редовен работен однос, кои не се регистрирани како индивидуални земјоделци и кои немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата за тековната година.

Кандидатите треба да се пријават на интернет-страницата е-услуги на МОН.

Рокот за пријавување за тековните студенти е од 1 до 10 август. За кандидатите кои ќе се стекнат со статус студенти од октомври, односно за бруцошите, како и за студентите кои не запишале летен семестар, рокот за пријавување ќе биде од 1 до 7 октомври.

При пријавувањето, студентите треба да пополнат, потпишат и прикачат два документа: Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци.

Секој кандидат може да ја провери поднесената пријава, во електронската апликација во менито „Мои апликации“. За помош при аплицирањето студентите може да го погледнат видеото достапно на овој линк.

МОН информира дека по службена должност ќе ги обезбеди доказите од пријавите за секој кандидат поединечно од надлежните институции (МВР, АВРМ, УЈП и студентските служби на факултетите).

Министерството за образование и наука ќе го извести секој кандидат за статусот на пријавата по електронски пат.

Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари дневно, што студентот ја добива од МОН за купување приготвена храна.

Корисниците ќе имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота, но не за време на државни празници и неработни денови. Доколку корисникот на субвенциониран студентски оброк во еден ден не го искористи правото на субвенционирање студентски оброк, износот не му се префрла во наредниот ден, информираше МОН.

Правото на субвенциониран оброк студентите го остваруваат од 15 септември до 30 јуни.

Министерството за образование и наука веќе склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје за реализација на исплатите за субвенциониран студентски оброк. Оттаму, сите студенти кои ќе се стекнат со правото на студентски оброк, ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање на посебна сметка, поврзана со наменска платежна картичка за субвенциониран оброк, независно од тоа дали  претходно биле клиенти на Шпаркасе банка. За отворањето на сметката и издавањето на платежната картичка студентот нема да има трошоци.

Студентот ќе може да ги троши средствата наменети за субвенциониран оброк кај даватели на субвенциониран студентски оброк, кои се правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна единствено преку картичката на Шпаркасе банка.

Доколку студентот не ја подигне навремено картичката или воопшто не ја подигне, нема да може да ги искористи средствата на ниту еден друг начин.

Рокот и начинот на подигање на картичките ќе биде дополнително објавен од страна на Министерството и Шпаркасе банка.

Исто така, секој 1-ви до 7-ми во месецот за секој месец од академската 2023/2024 година ќе тече рокот за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк претходно или чие право престанало поради неисполнување на некој од критериумите. Студентите ќе може да аплицираат повторно тогаш кога ќе ги исполнуваат критериумите наведени во повикот.

Министерството информираше дека ќе го испише лицето од евиденцијата на корисници на субвенциониран студентски оброк кога ќе утврди дека повеќе не ги исполнува условите за користење на субвенциониран студентски оброк.

По извршената проверка на податоците за студентите кои ги исполнуваат условите од јавниот повик исплатата ќе се врши ретроактивно за периодот кој почнува од 15 септември па натаму сé додека студентот ги исполнува условите согласно овој јавен повик.

За сите прашања поврзани со пријавувањето на корисниците за субвенциониран студентски оброк, Министерството за образование и наука информираше дека обезбедува поддршка преку Секторот за ученички и студентски стандард и тоа на следниот контакт: [email protected] или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на Министерството.

Повеќе информации и Конкурсот може да се најдат на интернет-страницата на МОН.