Од октомври студентите ќе купуваат оброк преку специјални картички – потпишан договор меѓу МОН и Шпаркасе банка

Студентите ќе може да ја користат картичката од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна

Илустрација: Мета.мк

Од новата академска година, средствата за субвенциониран оброк студентите ќе ги добиваат на наменска платежна картичка. Министерството за образование и наука (МОН) денеска склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје, која беше одбрана за банка што ќе ги изработи картичките и преку која ќе се врши исплатата.

Од МОН велат дека соработката со банката ќе овозможи средствата да се користат исклучиво за субвенционирање на здрав оброк за студентите. Паричните средства изминативе две години студентите ги добиваа на своите трансакциски сметки и можеа да ги вадат во кеш, што значи дека со средствата можеа да купат секакви добра и услуги, а не само храна.

„Ова е системското решение со кое нашите студенти, исто како и нивните европски колеги, добиваат финансиска поддршка само за намената за која се одвојуваат од буџетот на МОН – да им помогнеме во обезбедувањето здрав оброк“, рече по склучувањето на договорот министерот за образование Јетон Шаќири.

Сите студенти кои ќе стекнат право на субвенциониран студентски оброк ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање на посебна сметка, поврзана со наменската платежна картичка за субвенциониран студентски оброк, независно од тоа дали претходно биле клиенти на банката.

За отворање на сметката, издавањето и одржувањето на картичката, студентите нема да имаат никакви трошоци, информираа од МОН.

Од министерството рекоа дека Шпаркасе банка била одбрана во транспарентна постапка, на јавен повик, согласно измените на Законот за субвенциониран студентски оброк.

Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, наменета за купување приготвена храна, а студентите ќе може да ја користат од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.

Наменската картичка од Шпаркасе банка е дел од пакетот што ќе го добие студентот кој стекнал право на субвенциониран студентски оброк.

„Со овој пакет ќе им овозможиме на студентите да добијат многу поголеми дополнителни придобивки. Студентите ќе добијат две картички – едната ќе биде за купување здрав оброк, а другата ќе биде платежна картичка „Vibe on“, со што тие стануваат дел од Клуб Премиум’’, рече претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе банка, Санел Кустурица.

Годишно, за мерката субвенциониран студентски оброк од буџетот на МОН се одвојуваат над 940 милиони денари.