Објавен е конкурсот за студентски стипендии

И за оваа академска година се предвидени вкупно 3.000 стипендии

Фото: StartupStockPhotos на Pixabay

Министерството за образование и наука (МОН) денеска го објави Конкурсот за студентски стипендии за академската 2023/2024 година. И за оваа академска година предвидени се вкупно 3.000 стипендии.

За редовните студенти од социјални категории, во Прва група, се наменети вкупно 1.470 стипендии.

За студентите кои постигнале особено висок успех, а се запишани на факултет од научните подрачја на техничко-технолошките, биотехничките, медицинските науки и здравството, општествените и хуманистичките науки се предвидени 770 стипендии, додека 85 стипендии се обезбедени за студенти запишани на студиски програми по информатика.  Во оваа Втора група потребно е студентите да имаат просек од најмалку 8,51 (техничко-технолошки, биотехнички, медицински науки), односно 9,01 (општествени и хуманистички науки).

Предвидени се 85 стипендии за студенти кои се запишани на студиски програми во информатика и постигнале особено висок успех во учењето од најмалку 9,01 просечен успех.

Во втората група се предвидени и 15 стипендии за студенти запишани на студиски програми по македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности, кои треба да имаат постигнат просек од 8,00. Исто толку стипендии има и за студенти на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија, кои треба да имаат постигнато просечен успех од најмалку 7,50. Овој услов се однесува и за студентите на студиски програми за преведување и толкување од македонски на албански јазик и обратно, за кои исто така се предвидени 15 стипендии.

Третата група предвидува 500 стипендии за студенти (480 за студенти на државен, а 20 за студенти на приватен факултет) запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки, кои постигнале просечен успех од прва до тековно запишаната студиска година најмалку 7,50, но не повеќе од 8,50. Во оваа група се предвидени и 130 стипендии за студенти на студиски програми по хемија, физика и математика кои треба да имаат постигнат просечен успех од најмалку 7,00, како и за студенти на студии од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки, кои треба да имаат постигнато просечен успех од најмалку 8,00.

Последната, четврта група, предвидува 30 стипендии за студенти кои се запишани во прва година на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.

Право на стипендија имаат студентите запишани на додипломски студии од прв циклус кои студираат на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија и кои ги исполнуваат следните услови: да се редовни студенти, да не повторувале година во текот на студирањето, да не се корисници на стипендија од други установи, институции или компании и да се државјани на Република Северна Македонија.

Висината за сите стипендии изнесува 6.050 денари, со исклучок на стипендиите од Трета група, кои за студентите запишани на студиски програми по хемија, физика и математика, земјоделските, ветеринарните и шумарските науки изнесува 18.000 денари.

Сите стипендии се доделуваат за девет месеци во текот на студиската година.

Аплицирањето, според конкурсот, е исклучиво електронски. Документите не се доставуваат до МОН.

Студентите може да се пријават и да ја прикачат соодветната документација на порталот „е-услуги“ на МОН, најдоцна до 15 ноември.

Студентите имаат право да се пријават само за една група на стипендии.

Списокот на кандидати на кои им се доделува стипендија ќе биде објавен најдоцна до 29 декември на интернет-страницата на МОН.

Потребните документи и целиот конкурс може да се најдат на овој линк.