Рејчел Галовеј, Амбасадорка на Обединетото Кралство во Северна Македонија | Фото: Британска амбасада – Скопје

Како што продолжува неизвесноста околу Ковид-19, нациите од целиот свет секојдневно соработуваат за да ги усогласат напорите за создавње на безбедна, ефективна и глобално достапна вакцина и се надеваат дека ќе ја постигнат оваа цел во рекордно време.

Додека со рестриктивните мерки и социјалното дистанцирање купивме време и се здобивме со еден вид на контрола, она што ни е навистина потребно за да ставиме крај на пандемијата и да започнеме глобално економско закрепнување се функционална вакцина и ефективни третмани.

Создавањето и дистрибуцијата на безбедна и ефикасна вакцина за толку кратко време е глобален потфат. Потребна е решителност, соработка и континуирано споделување на експертиза. Земјите, владите, научниците и фармацевтските компании треба да се координираат за да се осигураат дека ќе ги постигнеме нашите амбиции за создавање вакцина што е можно побрзо. Не само што вакцината ќе спаси безброј животи, туку ќе ни овозможи да се концентрираме и на закрепнување на нашите економии.

Обединетото Кралство прави значителни инвестиции во создавањето на вакцина и ја предводи оваа неочекувана глобална соработка. Инвестициите треба да се направат што побрзо со цел да се осигураме дека имаме капацитет да произведуваме и дистрибуираме голем број вакцини со огромна брзина низ целиот свет. Безбедната и ефикасна вакцина треба што побргу да стигне до секој во светот. Не смееме да прескокнеме никого.

Обединетото Кралство веќе има инвестирано 313 милиони фунти за развој на нови вакцини, третмани и тестови. Исто така има обезбедено 1,65 милијарди фунти за Алијансата за вакцини – Гави (Gavi the Vaccine Alliance), односно за нивната значајна работа и имунизација низ целиот свет.

По Иницијативата за глобална реакција против коронавирусот на 4 мај, чиј ко-домаќин беше Обединетото Кралство, нашиот премиер ќе биде домаќин на Глобалниот самит за вакцини на 4 јуни. Ова е виртуелен настан што ќе ги обедини лидерите од целиот свет да ја заложат својата поддршка за Гави. Се надеваме дека ќе собереме најмалку 7,4 милијарди американски долари со цел да заштитиме дополнителни 300 милиони деца од заразни болести како што се сипаници, тифус и детска парализа. Одржување на редовна имунизација за време на пандемијата со корона-вирусот е од огромна важност.

Глобалниот самит за вакцини е исто така можност да се претстави улогата на Гави во создавањето и дистрибуцијата на вакцина против корона-вирус. Гави, заедно со своите партнери, веќе напорно работи за да се осигура дека секоја идна вакцина е ефикасна, безбедна и може да се дистрибуира низ целиот свет. Најдобрата одбрана на светот од корона-вирусот ќе биде навремено дистрибуирана вакцина што ќе го олесни нашето заедничко закрепнување и ќе го намали ризикот од повторување на пандемии.

Благодарение на чудата на модерната технологија имаме можност да продолжиме да ги одржуваме редовните состаноци со колегите, контактите како и министрите на интернет. Токму оваа недела, со министерот за здравство Венко Филипче разговаравме за важноста на вакцините и чекорите што Обединетото Кралство и Северна Македонија ги презедоа со цел да го контролираат ширењето на болеста.

Ние сме посебно горди што се бориме рамо до рамо со меѓународните партнери во оваа борба против корона-вирусот. Со проширување и одржување на оваа блиска соработка, можеме да го зголемиме бројот на тестирања и да развиеме нови вакцини и третмани што ќе им бидат достапни на сите во најкраток можен рок, со цел да ја победиме оваа пандемија еднаш засекогаш.

Автор: Рејчел Галовеј, Амбасадорка на Обединетото Кралство во Северна Македонија