Наместо слобода на изразување, во Македонија постои говор на омраза, велат од невладините организации, кои денеска во Тетово учествуваа на дебатата под наслов „Слободата на говорот“.
Навредите и клеветите што ги трпат различни категории на граѓани, ретко доаѓаат до судска разврска, истакна граѓанскиот активист Беким Асани.
– Тој говор на омраза е широко распространет во Тетово. Со оглед на шареноликоста на населението од различни етнички и верски припадности, говорот на омраза многу влијае на меѓуетничките односи во нашиот град – рече Асани.
Слободата на изразување, велат учесниците на дебатата, е цензурирана најчесто кога се критикува Владата.
– Поради пресијата што се прави од владините структури, голем дел од новинарите го создадоа феноменот на автоцензура. За жал, се соочуваме со недостиг од независни медиуми и поради тоа, сè почесто социјалните медиуми стануваат средство преку кое можат на вистински начин, слободно да се пренесат ставовите на граѓаните и на здруженијата – изјави Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Со закани и со притисоци се спречува и слободата на говор и на изразување и кај граѓанските здруженија, студентите и средношколците, потенцираа од НВО Инфоцентар.
Сепак, учесниците на дебатата истакнаа дека и покрај притисоците и заплашувањата, кај голем дел од граѓаните се буди свеста, се охрабруваат слободно да го искажат своето мислење и да ги побараат своите права преку протести, како во случаите со студентите, средношколците и со хонорарците.
З.Д.