fbpx

Нухиу: МВР и Чавков се одговорни за нередите во Собранието, јас се повлекувам

-

Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, ги осуди настаните што се случија во Собранието и рече дека дел од структурите на Министерството не си ја завршиле работата за што ќе мора да одговараат.

Тој вели дека како министер инсистирал да се формира оперативен штаб уште кога почнале протестите, а во него биле вклучени раководни лица од МВР.

„Оперативниот штаб имаше подготвено планови за три претпоставени ситуации. За мирни протести, за избирање претседател на Собрание и за избирање влада. За раководител на штабот беше избран директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Митко Чавков. Сакам да ја известам јавноста дека вчера од ескалацијата сè до 20 часот, раководителот на штабот Чавков не беше достапен за мене, иако го барав и телефонски и лично“, изјави Нухиу.

Министерот за внатрешни работи нагласи дека „за жал, очигледно е дека во МВР има влијание од политичките структури“.

„Дел од вработените наместо да ги почитуваат законите, постапувале по наредби на политичките центри, нешто што мора да биде санкционирано. Внатрешната контрола е вклучена и ќе бараме одговорност од сите. МВР е институција која мора да го гарантира јавниот ред и мир, а не да биде институција под влијание на политички структури кои сакаат да го злоупотребуваат за свои цели“, додаде Нухиу.

Тој информираше дека уште синоќа стапиле во контакт со Основното јавно обвинителство заради обезбедување на потребни материјали за расчистување на настаните и барале активно да се вклучи за во најкус можен рок да се расчистат настаните.

„Секој ќе одговара за своите постапки. Ќе сносат одговорност и раководните лица во МВР кои директно се одговорни за настаните и тоа што полицијата не ја изврши својата работа. Згрозен сум од постапките на демонстрантите кои не им дозволија на екипите на брза помош да им пружат помош на повредените. Тоа е нечовечки. Чувствувам морална одговорност затоа што за овие четири месеци не успеав да го тргнам влијанието на политиката од раководните позиции и затоа ќе барам мое повлекување, но ве уверувам дека ќе направам сè за создавање на услови за трансфер на власта“, додаде Нухиу.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поројни дождови ќе има и деновиве, предупредува УХМР

Управата за хидрометеоролошки работи предупредува дека поради присуство на влажна и нестабилна воздушна маса, денеска и во следните денови повторно ќе има честа појава на пороен дожд и грмежи,...