Новите антикризни мерки предвидуваат 16,3 милиони евра за учениците и студентите

Со мерките ќе се поддржат околу 105.000 ученици од основните и средните училишта и околу 15.000 студенти

Фото: Мета.мк

Над 120.000 ученици и студенти ќе добиваат месечен паричен надоместок до крајот на тековната учебна и академска година, информира Министерството за образование и наука (МОН). Оваа антикризна мерка претставува поддршка за учениците и студентите и нивните семејства, во услови на зголемени трошоци за живот и продолжени ефекти од енергетската криза.

Околу 105.000 ученици од основните и средните училишта кои потекнуваат од семејства со ниски месечни примања до 50.000 денари, секој месец во наредните шест, ќе добиваат финансиски надоместок во износ од 1.200, односно 1.800 денари.

Од друга страна, 15.000 студенти кои студираат надвор од нивното место на живеење, во следните 7 месеци ќе добиваат ваучери за превоз, односно надоместок во износ од 600 до 1.200 денари во зависност од пресметаните трошоци за превозот.

Во следните денови ќе следат подетални објаснувања од Владата и од МОН за начинот на кој учениците и студентите ќе можат да аплицираат, како и за критериумите, условите и роковите за искористување на овие мерки.

Оваа мерка спаѓа во деветтиот пакет антикризни мерки, во вредност од 662 милиони евра.

Владата со деветти пакет антикризни мерки тежок 662 милиони евра