Гигантот на социјални мрежи „Мета“ најави дека воведува нови безбедносни мерки и рестрикции за тинејџерите – корисници на Фејсбук и Инстаграм. Рестрикциите го ограничуваат пребарувањето и гледањето осетливи содржини, особено тие поврзани со самоповредување и самоубиство.
На пример, ако млад корисник се обиде да пребара нешто поврзано со самоповредување или булимија, тој нема да добие никакви резултати, само совет за тоа на кои броеви може да се јави за да побара помош.
Мерките ќе важат за корисници под 18 години и се надоврзуваат на претходни алатки кои „Мета“ им ги нуди на родителите. Претходните мерки вклучувале предупредувања по 20 минути прекумерно користење на апликацијата, како и известувања до родителите кога нивните деца комуницираат со личности со кои не се пријатели или пак не ги следат.
Технолошката компанија неколкупати беше критикувана за недоволната грижа за менталното здравје на младите корисници.
Според Артуро Бехар, свиркач од Мета кој сведочеше пред американскиот Сенат, компанијата континуирано игнорирала предупредувања за штетното влијание на своите социјални мрежи врз младите корисници. Ова тврдење беше потврдено со документи кои беа обелоденети при друга тужба против компанијата, како и од документите кои беа објавени од свиркачот Франсес Хауген во 2021 година.
Бехар особено го истакна сексуалното вознемирување со кое момчињата и особено девојчињата се справуваат, вклучувајќи експлицитни пораки од непознати лица.
Во декември, пак, обвинителот на американската држава Ново Мексико поднесе тужба против компанијата, велејќи дека платформите култивираат злоставувачи на деца.