Медицинската наука има докажано дека употребата на заштитна маска не го намалува нивото на кислород во организмот, а со тоа ни во клетките. Сите највидни медицински институции во светот го поткрепуваат ваквото мислење, а сведоци сме и на медицински експерименти, чии екстензивни мерења не наоѓаат штетни последици од носењето заштитна маска. Но, овој пост го смета спротивното, притоа манипулирајќи со изјава на доктор и нобеловец, кажана во сосема поинаков контекст, пишува Вистиномер во својата нова анализа на дезинформација на Фејсбук.

 

Во вирален пост на Фејсбук, во форма на фотографија со текст, се тврди дека доколку на здравите клетки им се одземе 35 проценти од кислородот, тогаш тие се претвораат во канцерогени за само два дена. Ваквото тврдење му е атрибутирано на доктор Ото Хајнрих Варбург и е илустрирано со заштитна маска, во контекст на нејзиното користење во екот на пандемијата со коронавирусот. Конкретната објава е споделена 104 пати, доживувајќи лавина од реакции со поддршка, како и тврдења дека носењето маска претставува голема опасност по здравјето.

 

Posted by Ilina Markoska on Wednesday, 23 September 2020

Меѓутоа, не е вистина дека носењето маска го зголемува ризикот од тумори и канцери. Уште на 22 јуни годинава, ваквата дезинформација го окупира интернет просторот во САД, провоцирајќи ги медицинските професионалци да го побијат митот дека носењето маска доведува до опаѓање на нивото на кислород во клетките.

Така, доктор Маитиу О Туатхаил се снимил себеси, носејќи не една, туку шест хируршки маски и притоа мерејќи го нивото на кислород во својот организам. Неговите нивоа на кислород во текот на целиот период биле стабилни, односно изнесувале 99 проценти.

Ова е константен резултат без разлика дали носите шест маски во времетраење од една минута, или во текот на целиот ден. Нивоата на кислород во крвта нема да се променат поради ова, вели тој во своето видео.

Докторот дополнително, како аргумент, ги посочува своите колеги – хирурзи, кои со години носат хируршки маски без никакви последици.

Поради фактот што молекулите на кислородот се толку мали, тие можат да продрат низ било каква маска, без оглед на тоа колку долго ја носите, додава докторот.

Туатхаил приложува и докази дека носењето маска може да го намали ширењето на вирусните честички за 99 проценти и на тој начин се намалува ризикот од ширење на коронавирусот.

Друг пример од американската држава Мисури, ја поткрепува мерката за носење маска како исклучително корисна. Имено, две фризерки во Мисури кои биле заразени со Ковид 19 и биле во контакт со 140 клиенти, не ја пренеле заразата на ниту еден од нив, зашто носеле маска за време на работата.

Британскиот сервис Би Би Си, во својата рубрика за разобличување лажни информации, оценува оти тврдењето дека носењето маска доведува до ризик од тумори, е невистинито. Како што објаснува тимот медицински професионалци за Би Би Си, маските не доведуваат до хипоксија (намалено ниво на кислород во крвта).

Хирурзите носат маски со часови додека оперираат пациенти и немаат никаков проблем, вели професор доктор Кит Нил, експерт за инфективни заболувања.

Истиот став го заговара и Светската здравствена организација.

Долготрајното носење медицинска маска не предизвикува интоксикација со јаглерод диоксид ниту пак дефицит на кислород, велат оттаму.

Пред да пристигне во Македонија, тврдењето дека хируршката маска предизвикува канцер поради недостиг на кислород се појави на повеќе јазици на социјалните мрежи и тоа на германски, српски, англиски, хебрејски… Науката е децидна дека придобивките од носење заштитна маска се големи, а негативните ефекти незначителни. Носењето маска ниту го намалува нивото на pH вредноста на крвта, ниту го афектира крвотокот, ниту на било кој друг начин влијае некој да биде со зголемен ризик од канцер или тумор. Чувството на блага непријатност поради носењето маска нема здравствени ризици.

И Американската белодробна асоцијација експлицитно демантира дека маската предизвикува ниски нивоа на кислород во организмот.

Ова е апсолутно неточно. Ние носиме маски по цели денови во болниците. Тие се дизајнирани за да може да се дише со нив и нема апсолутно никакви докази дека водат до ниски нивоа на кислород, пишува на официјалната страница на асоцијацијата.

Мајо клиниката од САД официјално тврди дека носењето заштитна опрема во комбинација со честото миење раце и физичкото дистанцирање од два метра го намалува ризикот од ширење на Ковид-19. Истото го препорачуваат и македонските здравствени власти, Светската здравствена организација, Американската асоцијација за контрола и превенција на заболувања и владите на речиси сите земји во светот.

Точно е дека докторот и нобеловец Ото Хајнрих Варбург, кој починал пред 50 години (1883–1970), сметал оти туморите се создаваат поради недостиг на кислород во клетките. Но, како што може да се види од изворите на оваа рецензија, нивото на кислород во организмот, а со тоа и во клетките, не се намалува при носење заштитна маска. Нема никаков доказ дека носењето маска го намалува нивото на кислород во нив, како што е образложено овде. Така што, употребата на цитатот на д-р Варбург во ваков контекст, поврзувајќи го со Ковид-19 и поставувајќи го до заштитна маска, е манипулативна и нема никаква врска со она што докторот го мислел и сакал да го каже.

Оттука, виралниот пост е дезинформација штетна по јавното здравје, пишува Вистиномер.