Норвешкиот писател Џон Фосе ја доби Нобеловата награда за литература

Шведската академија денеска соопшти дека тој ја добил наградата поради неговите „иновативни драми и проза кои му даваат глас на неискажливото“

Tom A. Kolstad / Det Norske Samlaget, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Норвешкиот писател, драматург и поет Џон Фосе е прогласен за добитник на Нобеловата награда за литература. Шведската академија денеска соопшти дека тој ја добил наградата поради неговите „иновативни драми и проза кои му даваат глас на неискажливото“, пренесува Би-Би-Си.

Зборувајќи на норвешката државна телевизија НРК, Фосе рече дека бил „донекаде исплашен“ од победата и дека се подготвувал ментално за овој момент.

Делата на норвешкиот автор роден во 1959 година опфаќаат 40 претстави, романи, есеи, збирки поезија, книги за деца и преводи. Неговите дела се преведени на повеќе јазици ширум светот и за нив има освоено бројни меѓународни награди.

Од Шведската академија рекоа дека неговите романи се сведени на стил кој стана познат како „Фосе минимализам“.

Нобеловите награди се доделуваат од 1901 година и ги препознаваат достигнувањата во литературата, науката, мирот, а подоцна и во економијата.

Наградата за литература се доделува на „личноста што во областа на литературата ќе создаде најистакнато дело во идеална насока“, според тестаментот на шведскиот бизнисмен и филантроп Алфред Нобел од 1895 година.

Покрај наградата, Фосе добива и 11 милиони шведски круни, односно речиси 950.000 евра.