„Изгубениот“ роман на Маркес издаден и на македонски јазик

Десет години по смртта на колумбискиот писател во 2014 година, романот е пуштен во продажба на роденденот на Маркес (6 март), покрај во Северна Македонија, и во повеќе од 30 земји во светот

Фото: Gorup de Besanez, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

„Изгубениот“ и досега необјавен роман „Се гледаме во август“ на нобеловецот Габриел Гарсија Маркес денеска е објавен и на македонски јазик, во превод на Огнена Никуљски. Десет години по смртта на колумбискиот писател во 2014 година, романот е пуштен во продажба на роденденот на Маркес (6 март), покрај во Северна Македонија, и во повеќе од 30 земји во светот.

Маркес најавил уште во 2008 година дека работи на нов роман, но неговата издавачка куќа следната година рекла дека Маркес најверојатно нема да продолжи со пишување.

За објавувањето на книгата се погрижиле синовите на Маркес Родриго и Гонзало Гарсија Барча, како и уредникот Кристобал Пера.

„’Се гледаме во август’ е кус роман напишан во заводлив, фасцинантен и препознатлив стил на Маркес, кој е вистинска химна на животот со многу лица, особено на љубовта со многу опачини“, велат од „Арс Ламина“, издавачот на преводот на новата книга од Маркес.

Книгата може да се купи во книжарниците на „Литература.мк“.