Според неофицијалните резултати на Државната изборна комисија (ДИК), на предвремените парламентарни избори одржани вчера, 46 пратенички мандати има освоено коалицијата „Можеме“ на СДСМ и Беса, по која следува опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ која освои 44 места во Парламентот. Потоа ДУИ имаат 15 пратеници, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12 пратеници, Левица два пратеника и ДПА еден пратеник во новиот собраниски состав.

На веб-страницата на ДИК, и понатаму не може да се видат најновите резултати, освен повремено на мобилната верзија. Веднаш по затворањето на избирачките места синоќа, сајтот на ДИК падна и не профункционира целосно.

Според сајтот rezultati.sec.mk на ДИК, на кој повремено се прикажуваат резултатите, може на кратко да се види, дека од 3.421, од вкупно 3.480 избирачки места (98%), коалицијата на СДСМ води, со 324.084 гласови или 36,12 отсто, пред коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со 312.745 гласа, или 34,85 отсто. Следуваат: ДУИ со 101.432 гласови или 11,3 отсто, Алијанса за Албанците и Алтернатива со 76.425 или 8,57 отсто, Левица со 37.420 или 4,17 отсто и ДПА со 13.563 или 1,51 отсто.