fbpx

Нема докази дека вакцините се штетни во бременоста

-

Пријавите во системот на ВАЕРС не може да се земаат и толкуваат како пријави за причинско последично поврзани со вакцината, како што тоа се прави во овој пост на Фејсбук . Само затоа што некој пријавил некаков несакан ефект – настан, не значи дека е докажано дека тој ефект го предизвикала вакцината, токму на тоа  предупредува и ВАЕРС во своите упатства. Според реномирани светски здравствени авторитети вакцините се безбедни во бременоста, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека американскиот систем ВАЕРС покажал зголемување од 4.070 проценти на спонтани абортуси и мртвородени деца после вакцинацијата.

Тврдењето дека ВАЕРС системот покажал зголемување од 4.070 проценти на спонтаните абортуси и мртвородените деца после вакцинацијата, се базира на погрешна интерпретација на податоци, со оглед на тоа што се работи за непотврдени пријави, односно пријави за кои не е докажана причинско последична корелација. Пријавите во ВАЕРС, како што Вистиномер повеќепати пишуваше, се базираат на неверификувани сомнежи кои може да ги поднесе секој, дури и кога нема докази, дури и анонимно.

Импликациите дека вакцините се одговорни за загубени бебиња, е контрадикторно со растечкиот број на докази дека вакцините се безбедни во бременоста.

Како што пишува Ројтерс, во 2021 година во ВАЕРС имало 2.608 пријави за спонтан абортус или мртвородени бебиња а поврзано со било која вакцина (пријавите гласеле така). Во 2019 година ВАЕРС покажува 38 пријави за спонтан абортус и 15 пријави за мртвородени бебиња, што е вкупно 53.

Но, овие тврдења за раст во бројот на спонтани абортуси и мртвородени бебиња, не е потврдено дека се предизвикани од вакцината и не е дури ни потврдено дека се автентични. Податоците на ВАЕРС се неверификувани и бројот на пријави флуктуира, зависно од повеќе фактори, вклучително и медиумското внимание за одредена болест или одредена нова вакцина. Растот во бројот на пријави во ВАЕРС не е доказ за причина или негативен ефект поради вакцината, дополнително голем број на докази конзистентно покажуваат дека нема ризик од спонтани абортуси поврзани со вакцините против ковид-19.

Самиот ВАЕРС систем наведува дека индивидуалните случаи кои се пријавени, не се потврдени. Системот не наведува дали и во кои случаи е потврдено дека смртта е резултат на самата вакцина, односно дека има причинско-последична врска меѓу вакцината и смртта. Лекарите во САД со закон се обврзани да ги пријавуваат сите несакани ефекти кои се појавуваат одреден период по вакцинацијата. Како што е наведено овде, секој може да поднесе извештај на ВАЕРС.

ВАЕРС системот користи метод на широк дијапазон на информации, научен пристап со кој огромен број на груби и дури и недоверливи информации се спојуваат, за да се најдaт врските меѓу нив. Индивидуалните пријави и сите детали во нив не се потврдени и верифицирани, станува збор за случаи каде со самопријавување се даваат информации и тие не се поентата на пристапот на ВАЕРС, односно нивната цел! Станува збор за ран систем на предупредување, а не точен инструмент за мерење!

Во постот е изоставен важен контекст. Примарната и основна цел на ВАЕРС системот за пријавување е брза детекција на ретки несакани настани. Со други зборови, целата оваа група на извештаи и пријави на несакани ефекти е корисна само во агрегатот, а многу помалку во секој поединечен индивидуален случај. Причината за тоа е зашто се бараат сличности меѓу случаите. Самиот центар за контрола и превенција на болести во САД има тринаесетминутно видео во кое во детали е објаснето како да се пристапи во системот ВАЕРС, а кое е објавено во 2015 година.

Во ова видео во 11 минута и 36 секунда е наведено:

Ограничувањата на ВАЕРС системот се тоа што нема невакцинирана група за споредба, не може да искалкулира колку често несаканите ефекти се случуваат, и генерално не може да утврди дали вакцината го предизвикала несаканиот ефект.

Според Центарот за контрола и превенција на болестите повеќе од 640 милиони дози од вакцината против ковид-19 се адниминистрирани во САД од 14 декември 2020 до 2 ноември 2022 година.

Тоа вклучува 70 проценти од сите жени во САД кои биле бремени меѓу средината на декември 2020 и средината на ноември 2022 година.

Повеќе студии ширум светот не пронајдоа зголемен ризик од спонтан абортус или бебето да се роди мртво, поврзани со вакцинацијата за време на бременоста. Една голема студија во Норвешка објавена од страна на Њу Ингланд Џрнал оф Медисин, следела 18.500 бремени жени вклучително со 4.500 кои имале спонтан абортус. Истражувачите не нашле линк меѓу вакцината против ковид-19 и спонтан абортус во првиот триместар независно од тоа дали вакцината е од Фајзер, Модерна или Астра Зенека.

Американска студија анализираше податоци за повеќе од 100 илјади жени и покажа дека ризикот од спонтан абортус еден месец по добивање мРНК вакцина, не е различен од тој кај невакцинираните бремени жени.

Како што Вистиномер и претходно пишуваше, во светот постои вообичаена стапка на спонтани абортуси. Тие се случуваат без или со вакцинација, односно независно од вакциналниот статус на жената. Вакви абортуси со дадената стапка во светот се случувале и пред да постои вакцина против ковид-19. Податоците на реномираната „Мајо клиника“ во САД укажуваат на тоа дека 10 до 20 проценти од познатите забременувања завршуваат со спонтан абортус. 

Но, вистинските бројки се веројатно и повисоки, бидејќи многу спонтани абортуси се случуваат многу рано во бременоста, дури и пред да знаете дека сте бремена, пишува на веб-страницата на „Мајо“ клиниката.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД, Американскиот колеџ за гинекологија и акушерство и Асоцијацијата за мајчинско фетална медицина, препорачуваат вакцинација на бремените жени против ковид-19.

Иако податоците се ограничени, сепак Центарот за контрола и превенција на болести на САД тврди дека научниците немаат пронајдено зголемен ризик од спонтани абортуси меѓу луѓето кои примиле мРНК вакцина во раната бременост или пред да забременат.

Анализа од август 2021 година од Центарот за контрола и превенција на болести разгледува 2500 бремени жени кои примиле мРНК вакцина пред дваесеттата недела од бременоста. Истражувачите пронашле стапка на спонтани абортуси од 13 проценти, што е слично на очекуваната стапка на спонтани абортуси кај општата популација.

Спонтаниот абортус е релативно чест, кај 11 до 16 проценти од бременостите. Стапката на спонтан абортус после ковид вакцинацијата е во истиот опсег, вели доктор Ева Пресман, претседателка на Одделот за гинекологија и акушерство на универзитетот Рочестер.

И македонскиот Институт за јавно здравје препорачува вакцинација на бремени жени.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит. Пријавите во системот на ВАЕРС не може да се земаат и толкуваат како пријави за причинско последично поврзани со вакцината. Само затоа што некој пријавил некаков несакан ефект – настан, не значи дека е докажано дека тој ефект го предизвикала вакцината, токму на тоа  предупредува и ВАЕРС во своите упатства. Според реномирани светски здравствени авторитети вакцините се безбедни во бременоста.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Појавата на болести сѐ поголема закана за жителите на Газа

Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, UNRWA денеска соопшти дека заканата од појава на болести во Газа станува сѐ поголема, бидејќи температурите почнуваат да растат. „Нашиот страв е...