„Амазон“ ќе отпушти 18.000 работници во обид да заштеди на трошоците

фото: Christian Wiediger на Unsplash

„Амазон“ планира да укине повеќе од 18.000 работни места, што ќе претставува најголемо отпуштање во историјата на компанијата, борејќи се да заштеди на трошоците.

Отпуштањата веќе се во тек, а според меморандумот на извршниот директор Енди Џеси, повеќето од работните места што ќе бидат скратени се во продавниците на „Амазон“ и во одделите за човечки ресурси, искуство и технологија, јавува „Врџ“.

Меѓу другото, компанијата ќе крати на проектот „Алекса“ и на роботот за лична испорака во САД.

Бројот на отпуштени е многу поголем од она што се шпекулираше во ноември, кога „Њујорк тајмс“ објави дека компанијата има за цел да ја намали својата работна сила за околу 10.000 лица. Во септември 2022 година, „Амазон“ соопшти дека има вкупно 1,5 милиони вработени.

Според Би-би-си, не е познато во кои земји ќе се кратат работните места, иако од „Амазон“ соопштија дека вклучена ќе биде и Европа.

Отпуштањата во Амазон се едни од намасовните кај технолошките гиганти досега. Пред неколку месеци, „Мета“ објави дека отпушта околу 11.000 вработени, а значителни намалувања најави и „Интел“.

Исто како во случајот на „Мета“, Џеси ја наведе „неизвесната економија“ како причина за кратењето на работните места во „Амазон“, велејќи за време на пандемијата имале превработеност.

Би-би-си пишува дека комбинацијата од падот на приходите од реклами поради бизнисите кои се обидуваат да заштедат и потрошувачите кои трошат помалку поради кризата, тешко ги погодува технолошките фирми. Нивниот „бум“ за време на полициските часови низ светот додека траеше пандемијата и кога активноста на Интернет растеше, исто така заврши.