Неделата на италијанскиот јазик посветена на младите: „Како извини? Не те фоловам”

фото: Италијанска Амбасада

Оваа година Неделата на италијанскиот јазик во светот е посветена на јазикот што го зборуваат младите. Понудата на културни настани насловена „Како извини? Не те фоловам“, кои ќе се случуваат во земјава од 17 до 21 октомври, се промовирани од Амбасадата на Италија.

Настаните, како што најави италијанската Амбасада, ќе бидат од различни области, од стрип до кино, од книжевна критика до уметност.

Неделата на италијанскиот јазик во светот веќе ја промовираа два настана кои се случија на почеток на месецот. Во рамки на Comic’s Day / Ден на италијанскиот стрип авторите на култниот италијански стрип „Дилан Дог“, Алесандро Билота и Серџо Џерази одржаа мастер клас кој разбуди вистински интерес кај младата публика.

Авторот на „Дилан Дог“ приреди вистинско изненадување за средношколците на Денот на италијанскиот стрип (галерија)

Исто така се одржа и разговор со писателката Надја Теранова, поранешна финалистка на наградата Стрега како дел од меѓународниот саем на книгата Букстар.

В понеделник, 17 октомври, ќе биде официјалното отворање на Неделата на италијанскиот јазик во светот со онлајн семинар на тема „Поимот за јазик на младите во денешницата: лексички фонд, граматика, стратегии“ мешавина од социолингвистика и дидактички размисли“ од познатиот лингвист, проф. Паоло Балбони, доцент на универзитетот Ка Фоскари од Венеција и стручњак по методика на настава по јазик, како и почесен професор по методика на предавање.

На 18 октомври, проф. Имер Алили ќе зборува за впечатоците од неговиот превод „Прва лекција по граматика“ од Лука Серијани.

В среда, на 19, во Кинотеката ќе се одржи проекцијата на филмот „Атлас“, италијанско-швајцарско-белгиска копродукција, во режија на Николо Кастели, награден на филмскиот фестивал во Локарно како најдобар режисер во подем. Улогите ги толкуваат, меѓу другите, и Матилда Де Анџелис и Нери Маркоре.

Здружението на професори по италијански јазик во земјата ќе организира и меѓуучилиштен натпревар со онлајн квизот Кахут! (Kahoot!) за ученици од основните училишта, со наслов „КАЖИ ГО СО ЕМОТИКОНИI! “, а церемонија на доделување на наградите ќе се одржи на 20 октомври заедно со изложба на дигитални постери за употребата на емотиконите. Ќе се одржи и изложба на средношколски стрипови, како и проекција на видеа насловена „ВАТСАПНИ МЕI!“, обете изработени од средношколци.

В четврток, 20 октомври, во Музејот на современа уметност во Скопје – во кој од 8 до 26 октомври ќе биде поставена изложбата Современи екосистеми, ленд-арт проект за стимулирање на јавната свест за важноста на локалното природно наследство,  Министерката за култура на Северна Македонија Бисера Костадиновска-Стојчевска и Амбасадорот на Италија Андреа Силвестри ќе ја потпишат Петтата извршна програма за соработка во областа на образованието, културата и науката меѓу Италија и Северна Македонија.

В петок, на 21, ќе се одржи интеркултурен настан за студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, насловен „Младите и Италија – инспирација за многу приказни“.

За крај, на 25 октомври, проф. Лоренцо Ковери, редовен професор на Универзитетот во Џенова и академик на институцијата специјализирана во лингвистика и филологија на италијанскиот јазик, Академија Дела Круска, ќе одржи онлајн семинар „Италијанскиот јазик на младите“.

Како и секоја година, всушност, Академијата Дела Круска подготви едно издание на темата на Неделата на италијанскиот јазик во светот (SLIM 2022), „Италијанскиот јазик и младите“, која може да се преземе бесплатно помеѓу 17 и 23 октомври (почнувајќи од 24 октомври истото ќе биде достапно само со доплата) преку линкот што ќе биде објавен на веб-страницата на Амбасадата на Италија.

Сите информации во врска со поединечните настани може да се најдат во деталната програма објавена на официјалната веб-страница и на фејсбук-страницата на Амбасадата на Италија.