В понеделник започнува 23-тото издание на Неделата на италијански филм

На 15 мај, со почеток од 20 часот ќе се прикаже филмот Пинокио (2019), последно филмско остварување на режисерот Матео Гароне

Неделата на италијанскиот филм ќе се одржи по 23-ти пат во периодот од 15 до 21 мај во Кинотека на Република Северна Македонија, информираат од Амбасадата на Италија во Скопје.

Ревијата на италијански филмови годинава е посветена на темата „Бајки“, интерпретирана како фантастични приказни кои нè поттикнуваат да размислиме за реалноста.

Фестивалот е организиран од Амбасадата на Италија, во соработка со Италијанскиот Институт за Култура во Белград и Националната Кинотека на Република Северна Македонија.

На 15 мај, со почеток од 20 часот ќе се прикаже филмот Пинокио (2019), последно филмско остварување на режисерот Матео Гароне. Филмот е адаптација на познатиот роман Авантурите на Пинокио – Приказна за една дрвена кукла на Карло Колоди.

Во вторник, на 16 мај, во 20 часот ќе се прикаже Среќниот Лазар (2018) на Аличе Рорвахер, добитничка на наградата на Кан за најдобро сценарио, која ја раскажува приказната за еден свет отцепен од реалноста, во кој главниот лик минува низ серија перипетии, меѓу кои и смртта и воскресението.

Еден ден подоцна, на истата локација со почеток од 20 часот на програмата е филмот Мрачни приказни (2020) во режија на браќата Диноченцо и награден на Берлинскиот Фестивал во 2020 година за најдобро сценарио. Дејството се одвива во периферијата на Рим и ги раскажува искуствата на повеќе деца кои ги следат и, за жал, апсорбираат аномалиите на светот на возрасните.

Филмскиот фестивал ќе продолжи во четврток на 18 мај во 20 часот со Фамозниот напад на мечките во Сицилија (2019), филмска анимирана адаптација на романот на Дино Буцати од 1945 година, илустриран од познатиот уметник и автор на стрипови Лоренцо Матоти, кој претставува извонредно вкрстување помеѓу популарниот и авторски стрип, меѓу бајка и поезија, невиност и свест.

Во петок на 19 мај во 20 часот ќе биде прикажана култната италијанска комедија Ни преостанува да плачеме. Во режија и главни улоги ќе ги видиме незаборавниот наполетански глумец Масимо Троизи и тосканецот Роберто Бенињи. Филмот го доловува во целост комичниот дух на приказната во која еден учител и еден училишен домаќин се наоѓаат на случаен пат низ минатото и тоа во ерата на Ренесансата. Двајцата ќе доживеат уникатни авантури, како средбата со Леонардо Да Винчи или обидот да го спречат Кристофер Колумбо да ја открие Америка.

Во сабота на 20 мај во 20 часот ќе се прикажува Љубов и џган (2017), комедија и мјузикл, во режија на браќата Манети, чие дејство се одвива во Неапол. Филмот, кој освои бројни награди, меѓу кои наградата „Пазинети“ за најдобар филм на Филмскиот фестивал во Венеција, е успешен и забавен микс на гангстерски филм со примеси на романтична комедија.

Фестивалот ќе се затвори во недела, на 21 мај, кога од 20 часот фестивалот ќе се затвори со филмот Freaks Out (2021), последно остварување на режисерот Габриеле Маинети. Неговото дејство се случува во еден алтернативен Рим, во полн ек на втората светска војна, и ги следи животите на четворица “фрикови“ кои имаат супермоќи, работат во циркус, менаџиран од Евреин, и се обидуваат да ги избегнат контролите на нацистите.

На затворањето на фестивалот, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри ќе додели награди на победниците на натпреварот за превод на содржини поврзани со Италија на веб страницата на Википедија на македонски јазик (Во фокусот: Италија), организиран во соработка со здружението ГЛАМ и Катедрата за италијански јазик и книжевност при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Сите филмови ќе бидат прикажани со превод на македонски јазик, а влезот на проекциите ќе биде бесплатен.