Авторот на „Дилан Дог“ приреди вистинско изненадување за средношколците на Денот на италијанскиот стрип (галерија)

Фото: Џифони Македонија

Мастеркласот на авторите на култниот стрип „Дилан Дог“ Алесандро Билота и Серџо Џерази кој сношти се одржа во рамки на Денот посветен на италијанскиот стрип во Младинскиот културен центар привлече огромно внимание кај учесниците на „Џифони Македонија“.

Вистинско изненадување за средношколците приреди Серџо Џерази. Тој му даде можност на еден од најактивните средношколци да му даде насоки за замислен стрип лик и го црташе ликот во истиот момент. Италијанскиот уметник ги подари двете дела на публиката.

Средбата, исто така, беше и интересна можност за синтеза и споделување искуства и на македонските стрип уметници со италијанските. Во вториот дел на мастеркласот на Алесандро Билота и Серџо Џерази им се придружија и македонските стрип автори Давор Драмиќанин и Здравко Гиров.

Во рамките на Денот на италијанскиот стрип, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри им ги врачи наградите на најдобрите млади уметници што твореа на конкурсот за идејно решение за постер за посветен на настанот.

Признанија и награди добија: Дамјан Шокев (прво место), Иван Коминовски (второ место) и Трена Џепароска (трето место). Почесни заслуги за своите творби добија: Лазар Аврамовски, Ивона Младеновска, а во категоријата млади дизајнери беа наградени – Славица Купенкова и Тиа Василеска. Беа наградени и средношколците Тамара Николовска и Неда Коцевска.

Претседателот на жирито Ладислав Цветковски истакна дека немале лесна задача и дека на конкурсот пристигнале одлични дела.

На средбата со големите имиња на италијанскиот стрип која траеше скоро два часа љубопитните млади, како што соопшти организаторот, покажаа голем интерес за оваа уметност, поставувајќи прашања кои и за гостите на моменти беа по малку тешки за одговарање.

Дел од прашањата на сениорите и кадетите, учесници на 10. „Џифони Македонија“ беа и дали може да се живее од оваа професија, кој најмногу ги поддржа, дали уметниците се инспирираат за ликовите од реални ликови во животот …

На прашањето дали имале поддршка од семејствата, Билота одговори:

„Од моите родители немав беспрекорна поддршка, но затоа, нема никогаш да ја заборавам поддршката од мојот прв уредник. Без него немаше да го работам ова. Тешко е да најдете некој што ќе ве поддржи. Кога работам некогаш имам реални ликови што ги замислувам, ама не сакам да се врзувам многу со нив. Уметникот мора да направи дистанца и од своите ставови, стравови и слично, зашто многу лесно може да му ги пренесе на ликот“, рече Билота и ги советуваше младите што сакаат да се занимаваат со оваа уметност да ги градат сами своите приказни и дека инспирацијата е насекаде околу нив.

Тој истакна и дека за уметникот најважно е да има слобода во креирањето, а создавањето стрип е тимска работа и влијанието на авторот на приказната и на цртачот е големо меѓу себе.

Италијанскиот амбасадор Силвестри се осврна на историјата на италијанскиот стрип и истакна дека светот понекогаш е во заблуда кога мисли дека култните стрипови се од Англија или од САД, а всушност Загор, Алан Форд, Дилан Дог се италијански.

Македонскиот стрип уметник Давор Драмиќанин истакна дека денес со поврзаноста на светот е многу полесно да се следи што се случува на овој план насекаде и младиот автор може лесно да избере каде ќе се насочи.

Здравко Гиров го посочи фактот дека македонската стрип сцена низ децениите била под влијание на италијанската, токму од времето на заедничката југословенска стрип сцена. Тој упати благодарност до италијанските стрип мајстори за нивното културно наследство и влијание врз целиот свет.

Иницијативата за одбележување на Денот на италијанскиот стрип е дел од 22. издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот што ќе се одржи од 17 до 27 октомври, а оваа година ќе биде посветена на италијанскиот јазик што го зборуваат младите.

Вториот ден на „Џифони Македонија“ ќе биде посветен на претставување на жиријата од седумте држави, како и интернационална вечер која е еден од омилените настани на џифонци, кога сите учесници си ја претставуваат својата култура преку музика и храна.