Во рамките на 21-та недела на италијанскиот јазик во светот, која оваа година е посветена на 700 -годишнина од смртта на големиот италијански поет Данте Алигиери, Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје, во соработка со Амбасадата на Италија, објави конкурс за изработка на постер на кој се пријавија 170 учесници пратија вкупно 281 постери.

Прво место за најдобар дизајн на темата „Данте-700“ го освои Евангелија Иваноска студентка на Американски универзитет за Европа – ФОН, Јована Ристовска која студира на Универзитет Американ Колеџ Скопје – УАКС го освои второто место, а третото место му припадна на Иван Коминовски студент на Факултет за ликовни уметности, Скопје.

Прворангираниот постер беше искористен како официјален постер за 21 -та недела на италијанскиот јазик во светот, додека останатите постери финалисти можат да се погледнат на Фејсбук страницата на Амбасадата на Италија.

Постерите кои беа изработени од 157 студенти на универзитетите и 13 од страна на учениците од Уметничкото училиште и други средни училишта ги оценуваше жирито составено од четворица еминентни дизајнери: Небојша Гелевски и Нгадњим Мехмети (Северна Македонија) и Серџо Оливиоти и Марко Натоли (Италија).
При доделувањето на наградите на првите три и на останатите 15 финалисти, амбасадорот Силвестри го истакна големиот успех на иницијативата, што ја покажува популарноста на Данте во Република Северна Македонија.
„Големиот поет, основоположник на италијанскиот јазик, се потврдува како човек со универзална порака, способен да ја поттикне уметничката чувствителност на младите Македонци“, заклучи амбасадорот.