Наставниците побараа од Шаќири да ангажира уште ментори во двојазичните училишта

Присутните наставници-ментори дадоа предлог во училиштата со поголем број на ученици и каде што наставата се одвива двојазично и тројазично, да се ангажираат дополнителни наставници-ментори за поефикасно извршување на работните задачи

Фото: МОН

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска имаше работни
состаноци со наставниците-ментори од основните училишта во земјава, како и со
ангажираните образовни асистенти во ресурсните центри. Како што информираат во Министерството за образование и наука (МОН), на средбите се разговарало за
воспитно-образовниот процес во земјава, како и за проблемите со кои
се соочуваат за време на учебната година.

„Присутните наставници-ментори дадоа предлог во училиштата со поголем број на ученици и каде што наставата се одвива двојазично и тројазично, да се ангажираат дополнителни наставници-ментори за поефикасно извршување на работните задачи. Менторите препорачаа да се формира и координативно тело составено од избраните
наставници за поефикасна и непосредна комуникација со МОН“, наведено е во соопштението на МОН.

На средбата со образовните асистенти, пак, Шаќири се запознал со искуствата и потешкотиите со кои се соочуваат вработените во ресурсните центри, при работата со учениците со посебни образовни потреби.

„Асистентите ги пренесоа своите видувања за начинот на работа со оваа категорија ученици, за што добија и уверување дека МОН ги презема сите неопходни мерки за обезбедување на современ образовен систем за учениците со посебни образовни потреби. Исто така, на средбата се разговараше и за изнаоѓање на решение за статусот на ангажираните образовни асистенти во ресурсните центри“, информираат во МОН.

Инаку, наставниците кои сакаа да станат ментори, односно кариерно да напредуваат, имаа можност да се пријават на јавниот оглас што го објави МОН. Членови на посебна комисија ги бодуваше сите ангажмани на наставникот. Се земаа предвид и сертификатите од завршените обуки од последните пет години. Ако наставникот бил обучувач, тоа се бодува повеќе. Предност е и ако пишувал учебници. Потоа, советник од Бирото за развој на образованието оди на час и ја следи работата на наставникот. Мислење за наставникот-кандидат дава и училиштето, односно директорот.