Консултации на Румен Радев со политичките партии за формирање нова влада на Бугарија. Фото: Кабинет на претседател на Бугарија, 17 август 2021

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, денеска организираше втор круг консултации со политичките партии застапени во парламентот на Бугарија, во обид да се формира нова редовна влада, јавија бугарските медиуми.

Во моментов со Бугарија управува техничка влада што Радев ја формираше по избориет во април годинава, кога ниту една партија не успеа да формира влада. Потоа беа закажани уште едни, вонредни, парламентарни избори, на 11 јули, но Бугарија сè уште не доби редовна влада.

Партијата „Има таков народ“ (ИТН) на шоуменот Слави Трифонов, која се смета за победник на вонредните парламентарни избори на 11 јули со освоени 65 пратенички места во 240-члениот парламент на Бугарија, и денеска потврди дека нема намера да формира влада.

И од ГЕРБ на Бојко Борисов, која до април владееше во Бугарија речиси 12 години, денеска порачаа дека немаат намера да формираат влада, одноно, како што кажа претседателката на пратеничката група на ГЕРБ, Десислава Атанасова, ако Радев им го врачи мандатот, тие истиот ден ќе го вратат. ГЕРБ по бројот на освоени гласови (63) е втора, по ИТН.

Најсериозен кандидат засега да формира влада е Бугарската социјалистичка партија (БСП). Нејзината претседателка Корнелија Нинова по консултациите со Радев рече дека ако го добијат мандатот за формирање влада, веднаш ќе почнат консултации со ИТН, „Демократска Бугарија“ и „Исправи се БГ. Ние доаѓаме“, бидејќи со трите партии имаат заеднички основа на која може да ги дефинираат приоритетите и политиките на новата власт.

Сепак, Нинова рече и дека БСП не се откажала од идејата техничкиот владин кабинет да стане редовна Влада.