fbpx

Најзагадените општини трошат во просек по 1 отсто од буџетот за екологија (инфографик)

-

Десетте општини со најзагаден воздух во Македонија годинава намениле во просек по еден отсто од своите буџети за заштита на животната средина.

Според Вкупниот годишен извештај за квалитетот на животната средина за 2017 година, последниот таков извештај на Министерството за животна средина, најзагадени општини со ПМ-2,5 честички во воздухот биле Центар, Карпош, Битола, Тетово и Куманово, а најголема концентрација на ПМ-10 честички покажувале мерните станици Ректорат, Кавадарци, Гази Баба, Куманово и Лисиче.

Најголема сума, но и најголем процент од буџетот наменет за заштита на животната средина и природата има Градот Скопје. Од вкупниот буџет од 6,5 милијарди денари за оваа година, за заштита на животната средина се наменети 186 милиони денари, што е за една третина повеќе од лани.

Двојно е зголемен буџетот за заштита на животната средина на Општина Аеродром, кој годинава со 23 милиони денари изнесува 2,2 отсто од вкупниот буџет. Најголемо зголемување е во капиталните расходи за заштита на животната средина.

Општина Центар годинава за таа намена ќе потроши околу 20 милиони денари, или околу 1,5 отсто од буџетот.

Во Битола е намалена сумата за екологија, која лани била 29,5 а годинава околу 24 милиони денари, или 1,3 отсто од буџетот. Но, Битола во друга буџетска ставка има и неколкугодишен проект за гасификација, за што годинава наменила околу 8 милиони денари.

За заштита на животна средина и природата во Кавадарци годинава се наменети околу 12,4 милиони денари или 1,2 отсто од буџетот. Скопската Општина Гази Баба, пак, во предлог-програмата за работа на секторот за заштита на животната средина предвидела сума од 8,1 милиони денари, наменети за субвенции за печки на пелети, ско-училишта и филтри за вода за пиење во училишта и градинки.

Заштитата на животната средина во буџетот на Општина Тетово е опфатена со програмата за уредување на градежно земјиште и комунални дејности и располага со 11,8 милиони денари, или 0,5 отсто од буџетот. Во програмата се пет проекти: проект за речните корита на реките во Шипковица, Мала Речица и реката Пена, ревизија на проектната документација за пречистување на отпадните води, ревизија на физибилити студијата за управување со отпад и подготвување оперативен план, проект за секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа и субвенционирање на граѓаните за купување котли на гас за домаќинствата

Општина Карпош во матичната ставка за животна средина има само 3 милиони денари, но предвидува проекти за унапредување на животната средина и во рамки на други програми, како паркови и зеленило и јавна чистота.

Куманово, како и Битола, има проект за гасификација, но во матичната програма за животна средина има буџет од 2,4 милиони денари, или0,1 отсто од буџетот.

Последна на листата е скопската општина Чаир, која во буџетот за годинава предвидела 472 илјади денари, или 0,05 отсто од буџетот, за заштита на животната средина и природата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...