Денеска свечено беше отворена 13-та Македонска извидничка смотра во Крушево, која ќе се одржува до 21 јули под мотото „Достигни ги височините”. На смотрата учествуваат повеќе од 1000 извидници од 16 држави од регионот, Европа и од светот.
Програмата на смотрата се состои од седум тематски области предвидени за следните 10 дена, меѓународен – отворен ден со културно-забавни едукативни настани и активности, патувачкото кино Македокс како и богата музичка програма со македонски артисти.
Оваа смотра се одржува на пет години, во организација на Сојузот на извидници на Македонија кој оваа година прослави 70 години постоење.
Претседателот Стево Пендаровски денеска го посети кампот на Сојузот на извидници на Македонија и се обрати на отворањето на 13. извидничка смотра, што под негово покровителство годинава се одржува во Крушево.
„Како дел од светската скаутска мрежа на околу 150 национални движења, посакувам и понатаму да ја остварувате својата мисија и достојно да ја претставувате нашата држава на меѓународните настани“ порача тој.

На отварањето на 13. Македонска извидничка смотра присуствуваше и министерката за животна средина и просторно плaнирање, Каја Шукова во своето обраќање на отворањето нагласи дека извидниците секогаш биле и ќе бидат многу важни партнери на Министерството за животна средина и просторно планирање, и дека се вклучени во сите активности на МЖСПП кои се посветени на заштита на природните вредности.
На настанот свое обраќање имаа и евроамбасадорот Дејвид Гир, директорот на Јавното претпријатие „Национални шуми“, Валентин Груевски, градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски и директорот на Агенција за млади и спорт Наумче Мојсоски.