fbpx

Набљудувачката мисија на ЦРТА: “Касапаана” на изборите што се одржаа во Србија

„Обрнуваме внимание на сериозната загриженост за квалитетот на парламентарните избори и нивното натамошно отстапување од стандардите за слободни и фер избори. Имајќи го предвид обемот и различноста на изборните злоупотреби во Белград, заклучуваме дека резултатите од изборите во Белград не ја одразуваат слободно изразената волја на гласачите кои живеат во Белград“, се заклучува во извештајот на оваа невладина организација

-

Набљудувачката мисија за изборите во Србија на Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) во нивниот прелиминарен извештај оценуваат дека на денот на изборите на 17 декември имало драстични злоупотреби на избирачките права, законите и институциите од страна на власта.

„Обрнуваме внимание на сериозната загриженост за квалитетот на парламентарните избори и нивното натамошно отстапување од стандардите за слободни и фер избори. Имајќи го предвид обемот и различноста на изборните злоупотреби во Белград, заклучуваме дека резултатите од изборите во Белград не ја одразуваат слободно изразената волја на гласачите кои живеат во Белград“, се заклучува во извештајот на оваа невладина организација.

Од ЦРТА во извештајот додаваат дека нерегуларности кои директно ги компромитираат изборните резултати се забележани на пет отсто од избирачките места на парламентарните избори и на девет отсто од избирачките места на изборите во Белград.

„Во попладневните и вечерните часови се позабележителен е трендот на значително зголемување на бројот на претходно пополнети гласачки ливчиња и неовластено присуство на трети лица на избирачките места, особено во Белград. Дополнително, во Белград тројно се зголемил бројот на случаи кога некој се потпишал во Избирачкиот список во име на друг гласач, во споредба со првата половина од денот“, се наведува во прелиминарниот извештај за текот на изборите.

Од невладината организација посочуваат дека избирачките места биле затворени во атмосфера на загрижувачки пораст на случаите во кои гласачи се запишани во паралелни избирачки списоци, и внатре и надвор од избирачките места, организирани миграции на гласачи, сомнително кружење на возила околу избирачките места и слични неправилности. Денот на изборите се карактеризирал и со нарушување на тајноста на гласањето и случаи на неверификација на идентитетот на гласачот.

Во овие околности, легитимноста на сите локални избори во иднина ќе остане спорна доколку институциите не се ангажираат во откривање на вистината и не бараат одговорност во случаи на прекршување на законот и рушење на изборниот интегритет, додаваат од ЦРТА.

„Изборната кампања пред изборите се одвиваше во атмосфера на изразени нерегуларности во корист на владејачката коалиција и континуирани злоупотреби на српските државни институции. Ова беше искористено како канал за стекнување на неправедни предности и водење негативна кампања против политичките противници, бришејќи ја линијата меѓу државата и политичката партија“, констатираат од невладината организација ЦРТА.

Многу показатели забележани во кампањата, а потоа и на денот на изборите, укажуваат на изборен инженеринг на изборите во Белград, што се однесуваат на манипулација со избирачките права и организирани миграции на гласачи со намера да се манипулира со изборните резултати во Белград, алармираат од ЦРТА.

„Случаите на притисоци врз гласачите се ширеле и напредувале преку дополнителни механизми, станувајќи понемилосрден по карактер, а идентификувани се и многу случаи на масовни злоупотреби на личните податоци на граѓаните заради политички маркетинг, како и притисоци и поткупување гласачи. Изразената реторика за дехуманизација ја карактеризираше кампањата, а беше употребена и од највлијателните медиуми и од највисоките државни претставници, а беа забележани и многу случаи на насилство врз изборните натпреварувачи и граѓаните“, стои во прелиминарниот извештај за текот на изборите.

Тие додаваат дека за време на набљудувачкиот процес биле сведоци на континуирано промовирање на неказнивоста за различни прекршувања на законите и кршење на принципите за демократски избори поради недостаток на реакција од српските државни институции.

„Резултатите од изборите во Белград ќе останат спорни во континуирано отсуство на решителна реакција од институциите, со цел да се идентификуваат поединци и механизми кои укажуваат на коруптивни практики и манипулации со изборната волја на граѓаните. Додека институциите се одговорни за заштитата на законот и интегритетот на изборите, ангажманот на Обвинителството е неопходен за да се утврди вистината за прекршувањата на законите во контекст на изборите во Белград. Дури и во случај на почитување на изборните закони, имаме цврсти укажувања кои се однесуваат на прекршување на прописите пропишани во Законот за жителство и постојан престој“, стои во извештајот на ЦРТА.

Имајќи ги предвид сите овие размислувања, мисијата за набљудување на изборите ЦРТА бара српските државни институции да преземат итна акција.

Тие бараат од српското јавно обвинителство објективно да ги разгледа наводите за кривични дела на изборите и изборната кампања, вклучително и кривични дела поврзани со злоупотреба на службената должност и несовесно постапување, неточна подготовка на Избирачки список, фалсификување потписи за поддршка на гласачите, како и да истражува евидентирани случаи за притисоци врз гласачите и сомневања за злоупотреба на личните податоци на граѓаните и информирање на јавноста за резултатите од постапката.

„Да се измени Законот за локални избори за да се обезбеди правото на глас на локалните избори да се оствари само откако граѓаните ќе престојуваат на адресата 6 месеци. Да се обезбеди поголема транспарентност на Избирачкиот список со цел да не се загрозат личните податоци на гласачите, како што е бројот на избирачите“, се барањата на невладината организација што треба итно да се спроведат од српските власти.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...