Големо мнозинство од македонските банки, вклучително сите големи банки, постигнале усогласеност преку своите понуди да овозможат одлагање на отплатата на кредитните обврски до 6 месеци за кредитокорисниците – физички лица, најдоцна до 30 септември 2020 година.

„Македонската банкарска асоцијација (МБА) ја информира јавноста дека во согласност со измените и дополнувањата на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик, коишто ги донесе Советот на Народната банка и со донесената Уредба со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците, којашто влезе во сила на 27.3.2020 година, нашите членки, веќе започнаа со јавни објави за промени на договорните услови кои ќе се понудат на корисниците на кредитни производи во новонастанатите околности предизвикани од ширењето на КОВИД 19 вирусот“, се наведува во соопштението на Македонската банкарска асоцијација.

Од асоцијацијата посочуваат дека сите овие мерки што вклучуваат одложување на отплатите на кредитите се наменети за оние физички лица и компании кои навистина се во неможност во овој период да продолжат со измирување на своите обврски спрема банките и штедилниците и други доверители заради престанок со работа на компаниите, губење на работни места, намалување на плати итн.

„Сите оние кои се во можност да продолжат да отплаќаат, да го сторат тоа. На тој начин ќе покажат солидарност со сите оние на кои навистина им е потребна помош во текот на корона-кризата“, порачуваат од Македонската банкарска асоцијација.