Можност за развој и поддршка на зелени бизниси – отворен натпреварот „Зелени идеи 2022“

Фото: АРНО - Здружение за социјални иновации

Здружението за социјални иновации „АРНО“ вчера преку хибриден настан официјално го отвори годишниот натпревар „Зелени идеи“, со којшто ги повикува сите заинтересирани граѓани да аплицираат со свои зелени бизнис идеи.

Хибридниот настан се одржа со вклучување од просториите на „Ракатрак“ – едукативен центар за животни вештини и локален зелен бизнис, чија идеја беше една од победничките при селекцијата во 2019 година.

„Имаме убави примери на македонски мали, зелени бизниси и затоа на овој промотивен настан сме на гости кај еден од нашите национални победници од 2019-та година. Сакаме да покажеме дека зелените идеи треба да се живеат, и тоа сакаме да го видиме во апликациите. Мораме да размислуваме локално, и еве, преку теренски посети и разни настани да ги охрабриме граѓаните, да бараат поддршка за своите идеи“, истакнуваат од здружението.

Повикот за аплицирање на идеите ќе биде отворен до 26 април, а оваа година, водени од пандемиските потреби и поуки за дигитализација, „АРНО“ ќе додели 3 преносни компјутери за идеите кои ќе бидат избрани во финалето како три македонски победнички идеи.

За сите кои имаат потреба од поддршка во развивањето на апликацијата, здружението организира работилници кои се отворени за пријавување. Од таму до сите потенцијални апликанти апелираат да го искористат времето до крајот на натпреварот и да се вклучат во понудените работилници со цел да развијат солидни апликации, во кои ќе се видат искрените намери, но и конкретните производи и услуги што ќе ги понудат.

Повеќе информации околу пријавувањето може да се добијат на веб-страницата на „АРНО“ како и на нивната е-адреса: [email protected].

„За победниците со најдобри идеи, дополнителна поддршка ќе доделат и партнерите: МКА2000, Македонија 2025 и Стопанската комора на Северо-западна Македонија.“, посочуваат од „АРНО“.

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални одржливи бизнис идеи во земјите од Западен Балкан (Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија) и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар.

Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 или 5.000 долари за реализација на идејата во својата земја. Последниот зелен бизнис што донесе награда од регионалниот натпревар (О-круг) е идеја, која иако не беше официјализирана, имаше прототип и наскоро се очекува од планираниот стартап да се добијат природни ароматизери од кори од портокал.