„Мост“: Двајца приведени поради фотографирање на гласачките ливчиња

-

Граѓанската асоцијација „Мост“ во својот извештај во 17.30 часот одбележа повеќе неправилности со гласачки ливчиња и со избирачкиот список, од кои во одреден дел интервенирала полицијата. Имало пронајдени неупотребени гласачки ливчиња, обиди за гласање во име на други лица, фотографирање гласачки ливчиња и други неправилности. Двајца гласачи биле приведени.

На гласачкото место 2762, во општина Кисела Вода, на гласач кој имал траги од мастило не му било дозволено да гласа. Гласачот почнал да протестира, по што биле повикани претставници од Општинската изборна комисија (ОИК), кои на членовите на избирачкиот одбор (ИО) им пренеле дека треба сами да одлучат дали ќе му дозволат да гласа. Гласачот почнал и да се заканува, по што членовите на ИО гласале и било одлучено да му се дозволи да гласа.

На гласачкото место 0741 во општина Кичево, имало седум случаи на семејно гласање, при што биле злоупотребени 17 гласови, а избирачкиот одбор не реагирал.

На гласачкото место 1376, општина Прилеп, три неискористени ливчиња биле пронајдени зад параванот од страна на избирачкиот одбор, а истото се случило и на гласачкото место 1456, каде било пронајдено едно неискористено гласачко ливче, по што истото било ставено во гласачката кутија.

Пред основното училиште „Гоце Делчев“ во Неготино биле забележани неовластени лица со списоци.

На гласачкото место 2469 во општина Чучер-Сандево, околу 13 часот, гласач сакал да гласа во име на негово блиско лице. Откако ИО не му дозволил, лицето се обидело да го одземе гласачкото ливче, по што гласањето било прекинато и била повикана полиција. Откако полицијата направила увид и бил направен записник, гласањето продолжило. Прекинот траел 40 минути.

Според набљудувачите на „Мост“, за време на гласањето имало и двајца приведени гласачи. На гласачкото место 1273 во општина Охрид, гласач го фотографирал гласачкото ливче и го ставил во гласачката кутија. Била повикана полиција, која го привела гласачот. Ист случај имало на гласачкото место 2576/1 во општина Ѓорче Петров, каде гласач ги фотографирал гласачките ливчиња по што избирачкиот одбор повикал полиција и гласачот бил приведен.

Истражувачки новинари од Македонија и Албанија за прв пат заеднички истражуваат прекуграничен криминал и корупција

Тимот новинари од ИРЛ од Македонија и Штег од Албанија - сите членки на Меѓународниот проект за известување на организиран криминал и корупција (ОЦЦРП), повеќе од десет месеци работеше...