Монтана е првата американска држава што го забранува ТикТок на уредите на граѓаните

Апликацијата веќе е забранета на уредите во државна сопственост во повеќе сојузни држави, а на федерално ниво, и републиканските и демократските законодавци вршат притисок за целосна забрана на ТикТок

фото: Solen Feyissa на Unsplash

Сојузната држава Монтана стана првата американска држава што ќе ја забрани ТикТок, апликацијата во сопственост на кинеската „БајтДенс“, од личните уреди на граѓаните. Гувернерот на Монтана, Грег Џанфорте ја потпиша забраната вчера, а истата треба да стапи на сила на 1 јануари догодина, пренесува Би-би-си.

Републиканскиот гувернер на пратениците им рече дека пошироката забрана ќе го продолжи „заедничкиот приоритет да се заштитат жителите на Монтана од надзорот на кинеската Комунистичка партија“.

Од ТикТок, преку соопштение рекоа дека забраната „ги нарушува правата на првиот амандман на жителите на Монтана“ и дека стотици илјади луѓе во оваа држава ја користеле апликацијата.

„Врџ“ појаснува дека новиот закон предвидува забрана за продавниците за апликации како „Google Play“ (Гугл Плеј) и „App Store“ (Еп Стор) да го нудат за инсталирање ТикТок. Иако имаше предлози пристапот до ТикТок да биде целосно забранет за сите, сепак ваквиот предлог не влезе во законот и луѓето кои веќе го имаат инсталирано ТикТок ќе можат да го користат и понатаму.

ТикТок е во сопственост на кинеската компанија „Бајт Денс“. Апликацијата веќе е забранета на уредите во државна сопственост во повеќе сојузни држави, а на федерално ниво, и републиканските и демократските законодавци вршат притисок за целосна забрана на ТикТок.

Извршниот директот на ТикТок, Шоу Зи Чи, во март се појави пред американскиот Конгрес за да одговори на прашањата за наводните ризици и ефекти на апликацијата врз националната безбедност и врз безбедноста на децата.

Забраната што треба да стапи на сила од 1 јануари ќе биде поништена доколку во меѓувреме ТикТок ги прекине врските со „Бајт Денс“ и апликацијата ја купи американска компанија или компанија чие седиште не се наоѓа во „непријателска држава“.

Директорот на ТикТок пет часа во Конгресот зборуваше за врските со Кина