Директорот на ТикТок пет часа во Конгресот зборуваше за врските со Кина

Политичарите од двете американски партии кои обично не се согласуваат со ништо, овој пат беа единствени во мислењето дека ТикТок претставува безбедносна закана за САД

Image by Solen Feyissa from Pixabay

Извршниот директор на ТикТок, Шоу Зи Чју беше принуден да ги брани односите на неговата компанија со Кина, како и заштитата на најмладите корисници, на вчерашното тензично сослушување во американскиот Конгрес. Сослушувањето доаѓа во време кога и двете политички партии во САД притискаат целосно да се забрани кинеската апликација, поради загриженост за националната безбедност.

Ова е прво појавување пред американските законодавци од страна на еден извршен директор на ТикТок и ретко јавно појавување на 40-годишниот Чју, кој долго време се држеше надвор од центарот на вниманието на јавноста додека популарноста на апликацијата растеше, пишува „Гардијан“.

Американските законодавци долго време се загрижени за контролата на Кина врз апликацијата преку матичната компанија „БајтДенс“, а Чју постојано се обидуваше да го негира ова за време на сослушувањето.

„Дозволете ми да го кажам ова недвосмислено: ‘БајтДенс’ не е агент на Кина или на која било друга земја“, рече извршниот директор на ТикТок.

Би-би-си вчерашното сослушување го опишува како немилосрдно, со тврдоглаво, долго и злобно испрашување. Не попуштаа ниту Демократите ниту Републиканците. Политичарите од двете партии кои обично не се согласуваат со ништо, овојпат беа единствени во мислењето дека ТикТок е безбедносна закана за САД.

„Ви благодариме, господине Чју, што ги споивте Републиканците и Демократите“, му рече републиканецот Ден Креншо на извршниот директор на ТикТок.

Чју, кој инаку е по потекло од Сингапур, за време на сослушувањето постојано зборуваше за проектот „Тексас“, со кој всушност се предвидува податоците што ТикТок ги собира за американските корисници да бидат складирани во САД, на платформа на американската компанија „Оракл“.

Меѓутоа, овој проект не е целосно оперативен, а Чју потврди дека инженерите на „БајтДенс“ во Кина имаат пристап до податоците – признание на кое конгресмените постојано се навраќаа, укажувајќи на тоа дека штом кинеските инженери имаат пристап до податоците, многу веројатно е дека и кинеската влада може да пристапи до нив.

Би-би-си пренесува дека во еден момент од сослушувањето, извршниот директор бил прашан дали неговите деца користат ТикТок, на што Чју одговорил негативно, затоа што живееле во Сингапур – земја во која тамошната верзија на апликацијата е забранета за деца помлади од 13 години.

Кога беше прашан за менаџирањето на податоците на корисниците, Чју рече: „Со сета почит, американските компании немаат одлично искуство со податоците. Само погледнете ги Фејсбук и Кембриџ Аналитика“.

Меѓутоа, тврдењата на Чју за независноста од владата во Кина беа поткопани со приказната на „Волстрит Журнал“ објавена само неколку часа пред сослушувањето, во која се вели дека Кина силно ќе се спротивстави на секоја присилна продажба на компанијата. Според предлог-законот кој во моментов се разгледува, администрацијата на претседателот Џо Бајден може да ја забрани ТикТок во САД доколку платформата не биде продадена на американска компанија.

Законодавците го испрашуваа Чју и за влијанието на платформата врз менталното здравје, особено на младите корисници. Републиканскиот конгресмен Гас Билиракис ја сподели приказната за 16-годишното момче Чејс Наска, кое пред една година се самоуби застанувајќи пред воз. Родителите на Наска се појавија на сослушувањето во Конгресот, откако го тужеа „БајтДенс“ поради тврдењето дека нивниот син бил таргетиран со несакана содржина за самоповредување.

„Сакам да им се заблагодарам на неговите родители што беа денес овде и што ни дозволија да го прикажеме ова. Господине Чју, вашата компанија им ги уништи животите“, рече во своето обраќање конгресменот Билиракис.

„Гардијан“ пишува дека американските законодавци ги презентираа и извештаите дека содржина поврзана со дрога се проширила на апликацијата, дозволувајќи им на тинејџерите лесно да купуваат опасни супстанции преку Интернет. Чју рече дека таквата содржина ја прекршува политиката на ТикТок и дека тие се отстрануваат кога ќе бидат идентификувани.

ТикТок се бори со бројни истраги околу влијанието на апликацијата врз безбедноста на младите корисници, поради ризик од самоповредување и гледањето содржини поврзани со нарушување со исхраната. Платформата се соочува и со тужби поради смртоносните предизвици кои стануваат вирални на социјалната мрежа.

По петчасовното сослушување, компанијата се пожали дека не било потрошено доволно време на мерките на платформата за чување на безбедноста на податоците.

„Исто така, членовите на комитетот денес не го спомнаа егзистирањето на петте милиони бизниси на ТикТок или импликациите од Првиот амандман на Уставот на САД од забраната на платформата што ја сакаат 150 милиони Американци“, рече портпаролот на ТикТок.

Вчерашното сослушување доаѓа три години откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп со извршна наредба им забрани на американските компании да соработуваат со „БајтДенс“. Бајден ја отповика наредбата во 2021 година, под услов Комитетот за странски инвестиции да ја истражи компанијата. Кога истражувањето заврши, администрацијата на Бајден побара ТикТок да ги продаде акциите во кинеска сопственост или да се соочи со забрана во САД.