МОН: Граѓанските организации се значајни за зачувувањето на менталното здравје кај децата и младите

Фото: МОН

„Сервисите кои се развиваат од граѓанските организации и здруженија, а чија цел е пружање прва психолошка поддршка на децата, младите и граѓаните, секогаш се добредојден ресурс и поддршка за зачувување на целокупното ментално здравје. Затоа ја поздравувам иницијативата на Црвениот крст што ја препозна потребата од отворање на Центар за прва психолошка и психосоцијална поддршка на граѓаните“,  истакна Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука, на денешната дебата по повод отворањето на Центарот.

Тој додаде дека менталното здравје е исто толку важно како и самиот образовен процес, а училиштата и предучилишните установи се места каде децата го поминуваат најголемиот дел од времето.

„Тоа ни дава обврска во нив да овозможиме услови децата и младите да развиваат здрав начин на размислување и да изградат здрав однос кон себе и кон околината. Да создадеме образовен систем во кој психолозите во училиштата почесто ќе работат со учениците, со што ќе ја промениме погрешната перцепција дека стручните служби служат за дисциплинирање. Сѐ додека не ја смениме оваа перцепција, не можеме да зборуваме за заштита на менталното здравје“, рече Томшиќ.

МОН ги јакне и капацитетите на психолозите и стручните работници во училиштата кои се и стожер во сочувувањето на менталното здравје на учениците. Организирани се вебинари на тема „Совети и добри практики од работата на психолозите во основните училишта“, на кои се зборуваше за промоција и превенција на менталното здравје во училиштата во услови на пандемија.

Дополнително МОН, Министерството за здравство и за труд и социјална политика, во соработка со Универзитетската клиника за психијатрија, веќе имаат воспоставено линија за помош на децата, младите и нивните родители. Но, исто така е важно и зголемувањето на вон-наставните активности со новата Концепција за основно образование, со што се поттикнува креативноста кај децата, се зголемуваат спортските, културните и забавните активности, што придонесува во зачувувањето на менталното здравје кај учениците, соопштија од МОН.