Министерот Нуредини во клинч со „Го сакам Водно“ и „02 Иницијатива“ за иднината на Водно

Извор на фотографија: Град Скопје

„Го сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“ денеска го повикаа министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини да ги објасни сите изјави и ставови што проструија низ медиумите деновиве дека Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) има изготвено став за иднината на Водно, и тоа изнесен преку Владата четири дена пред најавените меѓуинституционални средби.

„Министре Насер Нуредини, зарем веќе имате заземено официјален став на Министерството?! Зарем сета дискусија и јавна расправа е само про-форма“, прашуваат „Го сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“, потсетувајќи дека вчера се одржал првиот технички состанок во МЖСПП поврзан со процесот за носење нова заштита за Водно како Заштитен предел.

Тие додаваат дека не знаат како се одвивал техничкиот состанок, ниту пак кој бил повикан и кој дошол на него. Од „Го сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“ велат дека не знаат што се договарало и што се заклучило на одржаниот состанок.

Инаку, 38 граѓански здруженија и организации до Владата пред десетина дена доставија барање за итно стопирање на започнатите постапки за прогласување на Водно за Заштитен предел. Тие побараа итно пристапување кон изработка на посебен закон за заштита на парк-шумата Водно.

Наспроти ова, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска во изјава за МИА рече дека актуелниот процес кој е пред крај за остварување на интегрирана заштита на Водно е резултат на обврската за репрогласување на заштитените подрачја во државата согласно новата регулатива.

„Владата чекаше од нас како надлежен орган за водење на постапката за прогласување на Водно за заштитен предел да ги собереме и проанализираме добиените забелешки и да го дадеме стручниот став. Ние ја информиравме Владата за следните чекори, а тоа е дека во делот на заштитата на природата не добивме забелешки, меѓутоа дека од аспект на останатите прашања за кои беа изнесени грижи, ќе продолжиме со дополнителни консултации и координација помеѓу релевантните институции и Градот Скопје како иницијатор на постапката“, изјави за МИА министерот Нуредини.

Тој вели дека неточно било оти претходниот статус на заштита на Водно бил од повисоко ниво, како што е и неточно дека категоријата заштитен предел е најниската категорија согласно Законот за заштита на природата.

Нуредини информираше дека вчера се одржала првата координација на техничко ниво со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Центарот за управување со кризи (ЦУК), а денеска имало меѓусекторска координација во Управата за ЖС, сектори за води и природа и Секторот за просторно планирање во МЖСПП. Во четврток пак ќе имало состанок со Градот Скопје како надлежна општина и иницијатор на постапката, Министерство за одбрана, МЗШВ, ЦУК, Министерство за транспорт и врски.