Фото: Bijonse, CC BY-SA 3.0 , Викимедија комонс

Триесет и осум граѓански здруженија и иницијативи денеска до Владата доставија барање за итно стопирање на започнатите постапки за прогласување на дел од планината Водно во заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел и итно пристапување кон изработка на посебен закон за заштита на парк-шумата Водно.

„Го Сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“ бараат од Владата итно да ја запре постапката што е во тек, да свика експерти и да почне со итна изработка на посебен закон кој, како што велат, сестрано ќе го заштити Водно.

„Сегашната постапка на носење на Одлука за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел бараме да се стопира затоа што не вклучува никакви законски забрани. Со оваа (не)заштита на околу 40 отсто од површината на сегашната парк-шума Водно ќе се овозможи градење на разни објекти“, се вели во соопштението.

Се додава дека Градот досега не успеа да ја сочува зацртаната граница и дека и на неа никнаа населби, како Шпанско село, Сончев град и други, внатре, во заштитениот појас на шумата. А, со сегашниот предлог е намалена површината на зоната на заштита и е дозволено градење на нови објекти за домување, приватни хотели и слично.

„Ова не смее да се дозволи по ниедна цена. Единствен начин на кој Водно вистински би се заштитил, од сите аспекти, и природни и од опасноста на ерозии и порои, и заштита на културното наследство, заштита од пожари, како простор за рекреација, воздушна бања на Скопјани, е да се изготви посебен закон за Водно. Зонирањето во тој случај би било направено врз основа на сите изготвени студии и закони на сила за Водно, со што би се дефинирало точно кои активности каде се забранети и што е каде дозволено“, стои во соопштението.