Министерот Љупчо Николовски договорил помош од Русија за Фитосанитарната инспекција

Во рамки на официјалната тридневна посета на Москва, денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, имал работна средба со министерот за земјоделство на Руската Федерација, Александар Ткачов, на кој се разговарало и за експертска помош од страна на Русија за македонската  фитосанитарна инспекција, согласно потпишаниот Меморандум за соработка, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Македонскиот министер на средбата посочи дека Владата на Република Македонија, ќе ја продолжи поддршката на македонските компании за промоција на нашите земјоделско-прехрамбени производи на рускиот пазар, преку поддршка за нивен настап на најголемите саеми во Москва, како што е актуелниот „Продекспо“ и „Светот на храната“. Министерот Ткачов, порача, Македонија да продолжи со промоција и збогатување на асортиманот со нови македонски производи, за кои има интерес на пазарот во Русија.

Извозот на македонски земјоделски производи во Русија бележи континуиран пораст во изминатите неколку години, а носечки производи се праските, доматите, зелката, сливите, цигарите. Извозот на земјоделско-прехранбени производи од Република Македонија во Русија во 2017 година изнесува 30,2 милиони евра. Русија е заинтересирана за извоз на житарици во Македонија, а најмногу за извоз на пченица.