Швајцарија е подготвена да помогне во зајакнувањето на капацитетите на Државната изборна комисија (ДИК), на општинските изборни комисии и генерално во изборните реформи, соопштила швајцарската амбасадорка во земјава, Сибил Зутер Техада на средбата со премиерот, Зоран Заев во Владата.

Премиерот Заев на средбата истакнал дека Владата е определена за изборни реформи кои што ќе бидат прифатени од сите политички субјекти во државата.

„Силно сме посветени на обезбедување независност и зајакнување на капацитетите на Државната изборна комисија, како и на спроведување на сите други потребни реформи за квалитетен изборен процес. Затоа, за нас е прифатлива секоја помош и соработка“, рекол Заев, стои во соопштението на владината прес-служба.

На средбата, тој ја информирал амбасадорката Техада дека ќе се формира координативно тело, кое што ќе работи со претставници на Европската Унија, на САД, на швајцарската Влада како и со сите заинтересирани, за подготовка и имплементација на изборните реформи.