fbpx

Мијалков и официјално „куртули“ за случајот „Титаник 2“

На Мијалков во моментов му се суди за два предмета - „Трезор“ и „Таргет Тврдина“. Голема е веројатноста за застарување на случајот „Таргет-Тврдина“, бидејќи до 2025 година, треба да се донесе нова првостепена пресуда и истата да биде потврдена од Апелација

-

Официјално застаре и четвртото дело за кое беше обвинет поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за случајот „Титаник 2“, кој се однесуваше на договарање за гласање за приговори во корист на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година во Струмица.

До застарување дојде откако поминаа речиси пет години од првото одржано рочиште. Еднаш се донесе осудителна пресуда во Основниот кривичен суд во март 2019 година, но Апелацискиот суд го врати на повторно судење. Во повтореното судење, пресуда беше донесена во јануари годинава, но до вчера предметот не успеа да помине пред Апелација за пресудата да стане правосилна.

Апсолутна застареност за ова кривично дело, примање награда за противзаконито влијание настапува по 10 години, односно двојно повеќе време од максималната казна (5 години затвор) за ова дело, сметано од времето на сторување.

Апелацискиот суд во Скопје на 30 март ја одложи седницата за случајот „Титаник 2“ за на 13 април, шест дена откако застарува делото на обвинетиот ексдиректор на УБК.

Апелација ја одложи седницата за „Титаник 2“ за 13 април, кога делото на Мијалков веќе ќе биде застарено

Претходно, Мијалков доби ослободителна пресуда за „Тортура“, случај кој се однесува на приведувањето на екслидерот на „Обединети за Македонија“, Љубе Бошкоски.

Пред неколку недели за случајот „Плацови на Водно“, во кој Мијалков беше обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“, затворската казна од една година и три месеци му беше заменета за четири години условна.

Единствено правосилна затворска казна Мијалков доби за случајот „Империја“ во кој се спогоди со Обвинителството. Во овој случај тој призна вина за “злосторничко здружување и противправно стекнување имот“ и доби три години затвор, а му беа конфискувани пари и имот во вредност од 36 милиони евра. За овој случај тој казната ја издржува во затворот од отворен тип во Струга, откако ја промени својата адреса на живеење.

На Мијалков во моментов му се суди за два предмета – „Трезор“ и „Таргет Тврдина“.

Случајот „Трезор“, се однесува на набавката на британска опрема за следење на електронската комуникација за УБК, за што тој е осуден на единствена казна затвор во траење од осум години. И за овој случај Апелација ја укина првостепената пресуда и го врати предметот на повторно судење. Овој случај не застарува во скоро време.

Случајот „Таргет – Тврдина“, пак, е сè поблиску до застарување. За овој предмет Мијалков доби 12 години затвор за кривичните дела „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“. И овој случај беше вратен пред првостепениот суд, а делото на Мијалков застарува за две години.

Како што анализира Фокус, на почетокот на 2025 година застаруваат делата на обвинетите за масовното прислушување, што би значело дека во рок од две години од сега, при повторување на постапката, ќе треба да се донесе нова првостепена пресуда и таа да стане правосилна. За да се добие целосна слика, пишува Фокус, првиот пат, само за носење на првостепената пресуда биле потребни повеќе од 3 години.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...