Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков утрово излезе на слобода од струшкиот затвор, каде што во отвореното одделение отслужуваше казна за случајот „Империја“. Тој во затворот работеше како возач, а директорот на казнено-поправниот дом, Ваљон Ќура за медиумите изјавил дека Мијалков „бил пример за останатите затвореници“.

„Го почитуваше куќниот ред, им помагаше и на останатите во работните ангажмани внатре во затворот, во средувањето на паркот. До вчера работеше. Возилото го управуваше за наши потреби, низ Струга и Охрид“, изјавил Ќура за 360 степени.

Условот за слободата на Мијалков е до 25 април 2025 година да не стори кривично дело.

Мијалков беше осуден на три години затвор во отвореното одделение во затворот во Струга за случајот „Империја“, за злосторничко здружување и за противправно стекнување и прикривање имот.

Ова е единствената затворска казна за Мијалков. За случаите „Тортура“ и „Трезор“ тој беше ослободен од обвинение, за случајот „Плацеви на Водно“ доби условна казна, а случаите „Таргет“ и „Тврдина 2“ застареа благодарение на измените во Кривичниот законик.