Мета факт: Општина Битола не изработи мобилни апликации за плаќање сметки, лоцирање на паркинг и купување билети за јавен превоз

Една година пред истекот на мандатот на битолскиот градоначалник Тони Коњановски, најголем дел од проектите кои се дел од најавената дигитализација, а особено ветените мобилни апликации кои треба да олеснат одредени процеси, воопшто не се реализирани

-

Дигитализација на јавните услуги и „Smart City“ вети градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, во својата предизборна програма на локалните избори во 2021 година. Една година пред истекот на неговиот мандат, најголем дел од проектите кои се дел од најавената дигитализација, а особено ветените мобилни апликации кои треба да олеснат одредени процеси, воопшто не се реализирани.

На последните локални избори кои се одржаа во октомври 2021 година, тогашниот кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Општина Битола, во својата предизборна програма „За Битола гарантираме“ најави неколку проекти кои се однесуваат на дигитализација на јавните услуги.

Така, во делот „Дигитализација – Smart City“ на две страници (стр. 15 и 16) во програмата се излистани вкупно единаесет проекти. Меѓу нив, Коњановски најавува изработка на неколку мобилни апликации – Мобилна апликација за плаќање на сметки на ЈП Комуналец, ЈП Водовод, ЈП Нискоградба и данок на имот, потоа Мобилна апликација за лоцирање на слободни паркинг места и наплата на паркинг, како и Мобилна апликација за градскиот автобуски сообраќај и купување на билети.

Ваквите апликации треба да ги олеснат процесите и процедурите за граѓаните на Општина Битола.

„Дигитализацијата на јавните услуги е процес кој зема замав со подемот на информациските технологии. Воведувањето на дигитални јавни услуги овозможува транспарентност, отчетност и еднаков, побрз и полесен пристап до јавните услуги за граѓаните и сите релевантни чинители. Во услови на зголемена потреба за брзо економско опоравување од последиците предизвикани од пандемијата на КОВИД 19 и подобрување на квалитетот на живеење во новонастанатите услови, дигитализација на услугите добива особено значење посебно кога станува збор за јавните услуги на локално ниво“, стои во предизборната програма „За Битола гарантираме“ на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Тони Коњановски.

Сепак, се чини дека ниту една од овие апликации во моментов не е изработена. Како рок за реализација на повеќето проекти е ставено 2021-2025 година, освен кај мобилната апликација за плаќање на сметките во јавните претпријатија, која е ветено дека ќе се реализира во „2021 година и континуирано“.

Мета.мк се обрати со прашања до Општина Битола за тоа дали се реализирани или пак до каде е изработката на овие мобилни апликации, но прашавме и дали е остварено ветувањето за „Проширување на услугите за бесплатен интернет во централното градско подрачје и парковите“.

Од Општина Битола одговорија дека процесот за дигитализација на услугите започнал „веднаш по доаѓањето на Градоначалникот Тони Коњановски“, но, според содржината на одговорот, може да се заклучи дека мобилните апликации за кои прашавме, досега не се изработени.

„Овој дел вклучува создавање можност за поднесување на барања од граѓаните за услугите кои ги дава општината, целосно електронски и надминување на бирократските бариери, преку обезбедување на брзи и квалитетни услуги за граѓаните, како и создавање можност за електронско аплицирање за субвенции преку изработка на модул за оваа намена. Овој процес е во завршна фаза, додека паралелно општината е во комуникација со јавните претпријатија за обезбедување на потребните податоци за отпочнување постапка за изработка на мобилна апликација за наплата“, се вели во одговорот од Општина Битола.

Со други зборови, Општина Битола во својот одговор посочува други проекти од областа на дигитализацијата на кои работи, додека мобилната апликација за наплата на сметки сè уште не е изработена, и покрај тоа што наведениот рок за нејзина реализација (2021 година) помина одамна.

Ветувањата за дигитализација и Smart City на градоначалникот Тони Коњановски и ВМРО – ДПМНЕ / фото: извадок од предизборната програма

Во однос на мобилната апликација за градскиот автобуски сообраќај и купувањето билети, пак, од Општината велат:

„Дополнително, локалната самоуправа има воспоставено соработка и со невладиниот сектор, конкретно со ‘Ротари клуб’ – Битола од каде во рамките на проектот ‘За зелена Битола’ започната е постапка за изработка на апликација како пилот проект кој треба да води кон комплетно решение за следење на јавниот превоз за корисниците. Паралелно, општината спроведува постапка за обновување на автобуските стојалишта, односно нивно трансформирање во SMART автобуски стојалишта, за што во тек е спроведување на постапка за изработка на ‘Основен проект за фаза Електротехника’ модуларно решение со дизајн на смарт инсталација и технологија“.

И во овој случај Општина Битола потврдува дека до овој момент не е реализирано ветувањето за изработка на мобилна апликација за градскиот автобуски превоз, туку само дека е започната таква постапка за сличен пилот проект. Притоа, делот со „купување билети преку мобилната апликација“ воопшто не се спомнува.

Истовремено, во одговорот од Општина Битола не се спомнува ништо ниту за проектите „Мобилна апликација за лоцирање на слободни паркинг места и наплата на паркинг“ и „Проширување на услугите за бесплатен интернет во централното градско подрачје и парковите“, а за кои упативме директни прашања.

При пребарување на интернет и на социјалните мрежи на Општината и на Јавното претпријатие Паркинзи Општина Битола (ЈППЈЛП Битола) не најдовме информација дека постои некаква апликација за лоцирање на слободни паркинг места и наплата на паркинг.

Исто така, нема информации ниту за нови локации во Битола каде Општината овозможила бесплатен пристап до интернет.

Последната информација за бесплатен интернет во оваа општина е од 2019 година, кога тогашното раководство на градот постави „хот спотови“ за бесплатен безжичен интернет на две локации во Битола – кај Спортската сала „Боро Чурлевски“ и кај Градскиот часовник.

Според сето наведено погоре, односно поради фактот што во моментов во Општина Битола не постојат мобилни апликации за плаќање сметки во јавните претпријатија, за лоцирање на слободни паркинг места и за купување билети за јавен превоз, ниту пак се проширени услугите за бесплатен интернет, ваквите ветувања од предизборната програма на градоначалникот Тони Коњановски и партијата ВМРО-ДПМНЕ ги оценуваме како неисполнети.

 

Извори:

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

И по еден месец од јавниот повик, Арсовска тактизира и не поставува директор на Зоолошката градина

Измина точно еден месец откако Град Скопје, односно градоначалничката Данела Арсовска распиша јавен повик за избор на директор на Зоолошката градина Скопје, а засега нема никаков епилог од овој...