fbpx

Мета факт: Изградбата на мега паркот во Ново Село во тек, ѓубре уште се фрла околу локацијата

-

Актуелниот градоначалник на скопската општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски за време на предизборната кампања вети чистење на дивата депонија во населбата Ново Село и изградба на мега парк на оваа локација во близина на пречистителната станица за отпадни води на реката Лепенец. Идентично ветување испорача и скопската градоначалничка Данела Арсовска во својата предизборна кампања „Програма за модерно Скопје“. Ова ветување е делумно исполнето, изградбата на мега паркот е во тек, но дел од ѓубрето расфрлано околу оваа локација не е расчистено до денешен ден.

Во своето обраќање кога ја промовираше предизборната кампања на 29 септември 2021 година, градоначалникот Стојкоски вети решавање на горливиот проблем со дивата депонија лоцирана во населбата Ново Село. Тој вети расчистување на сите диви депонии на територијата на Општина Ѓорче Петров и подигнување на нови зелени површини, а конкретно во соработка со Градот Скопје, вети подигнување на мега-паркот на местото на дивата депонија.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски на 31 јануари 2022 година во емисијата „Топ Тема“ вети дека на местото на постојната депонија во Ново село ќе се изгради мега парк.

„Ние од сам старт почнавме со реализација на капиталните проекти кои ни беа ветени во програмата. Еден од нив е депонијата во Ново Село која е исчистена. Покрај предвидените седум хектари, ние успеавме да исчистиме многу повеќе, околу 11 хектари. Дополнително успеавме да го санираме течението на реката Лепенец. И еве сега сакам да најавам пред јавноста, отпочнуваме со реализација на нов мега парк во Ѓорче Петров, на локацијата на поранешната депонија во Ново село“, изјави градоначалникот Стојкоски на 31 јануари 2022 година.

Градот Скопје на 19 август минатата година ја започна изградбата на мега паркот во Ново Село, кој ќе се простира на површина од над 30.000 метри квадратни. Почетокот на активностите за изведба на овој нов парк го означија градоначалничката Данела Арсовски и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски.

Скопските градски власти информираа дека била исчистена депонијата од огромни размери во над 50.000 квадратни метри, а работните активности и хортикултурното уредување на мега паркот предвидуваат четири фази на изведба. Притоа, тие информираа дека предвидено е паркот да има три дела на вкупна површина од над 30.000 квадратни метри.

За тоа до каде е реализацијата на ветувањето за чистење на дивата депонија и изградба на мега паркот во Ново село, Мета.мк во три наврати на 16, 23 и 28 март годинава по електронска пошта испрати прашања до Општина Ѓорче Петров за овој проект. Прашавме, но не добивме одговор на прашањата до каде е изградбата на мега паркот во населбата Ново Село, дали општинските власти на Ѓорче Петров редовно го собираат отпадот од оваа локација и што преземаат за спречување на натамошното фрлање ѓубре на ова место. Прашавме и каква е соработката со Град Скопје при реализацијата на овој проект, но општинските власти се одлучија да не одговорат.

Мета.мк на 31 март годинава беше во обиколка на локацијата во населбата Ново село. Од нашата посета на терен, утврдивме дека изградбата на мега паркот е во завршна фаза. Подигнати се зелени површини со дрвца на местото на некогашниот отпад, а изградени се и пешачки патеки за граѓаните. При посетата, во паркот се поставуваа корпи и клупи за седење на граѓаните, а допрва треба да се изведе паркингот за возила на локацијата. Изведувачот работеше на финализација на последниот дел од паркот, односно на подигање на зелена површина покрај реката Лепенец.

Евидентно е дека ветениот мега парк во брзо време ќе може да биде пуштен за користење за граѓаните. Сепак, од посетата на терен екипата на Мета.мк утврди дека околу самиот мега-парк, во коритото на реката Лепенец и на земјиштето до самиот парк, и понатаму нелегално се фрла отпад. При посетата беа забележливи различни видови отпад кои се расфрлани околу мега-паркот. Ова значи дека дел од отпадот сепак не е отстранет од оваа локација, при што општинските власти ќе треба да посветат многу повеќе внимание во иднина за да го спречат движењето на несовесните граѓани до самата локација, односно да бидат спречени во натамошното фрлање отпад.

Следствено на ова, можеме да заклучиме дека предизборното ветување на градоначалникот Андреја Стојкоски за чистење на дивата депонија во Ново село и изградбата на мега парк на оваа локација, кое воедно беше и ветување на скопската градоначалничка Данела Арсовска, е делумно исполнето во делот на чистењето на отпадот од оваа локација, додека изведбата на мега паркот е во тек.

 

ИЗВОРИ:

Курир (29.9.2021 година): ВО ЖИВО: Промоција на програмата на кандидатот за градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Стојкоски, проверено на 4.4.2023 година;

Курир (31.1.2021 година): На местото на доскорешната депонија во скопско Ново Село ќе се изгради мега парк, проверено на 4.4.2023 година;

Веб-страница на Градот Скопје (19.8.2022 година): Арсовска: Започнуваме со изградба на капитален проект – мега парк од над 30.000 м2 во Ѓорче Петров, проверено на 4.4.2023 година;

Програма за модерно Скопје, проверено на 4.4.2023 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...