Претставата Страдањата на Исус ќе го отвори Интернационалниот фестивал на пантомима „ПАНФИЗ“ 2023

Оваа година фестивалот има ревијален карактер, а како и изминативе три години по ред билетите за претставите се бесплатни

Фото: Македонски народен театар

Со 90-минутната пантомима, „Страдањата на Исус“ на Малата сцена на Македонскиот народен театар, ќе се отвори 16. по ред Интернационален фестивал на пантомима и физички театар „ПАНФИЗ“ 2023.

На овогодишното издание на фестивалот, како што најави Македонскиот народен театар, ќе се прикажат три претстави од различни жанрови и од различни земји.

„Страдањата на Исус“ во која ќе настапи гостинот од Швајцарија, Дамир Дантес е претстава која како тема ги зема најважните случувања од животот на Исус, а сето тоа преточено преку патување 2000 години назад во минатото, моќно, поетско, драматично, трогателно преку јазикот на пантомимата.

На втората вечер на фестивалот ќе настапи младата актерка од Србија, Нада Милошевиќ, со својот буто перформанс „Суштество“, во кој како егзистенцијален предизвик се поставува истражувањето на скриениот архетип на битието, изгубено во сопственото опкружување.

На третата вечер гостите од Романија кои ќе настапат со својата претстава, физички театар, танц и пантомима „Hommo Love“, претстава која како соло актер ја води Пол Цимпоеру, потпомогнат од својата партнерка Алина Пентак, претстава за љубовта која секогаш и сегде ни се случува и нѐ канат, не да ја видиме, туку да ја почувствуваме.

Оваа година фестивалот има ревијален карактер, а како и изминативе три години по ред билетите за претставите се бесплатни. Публиката ќе може да си ги подигне билетите секој ден од 27 април до 29 април од 14:00 часот, на билетарницата на МНТ и пред почетокот на секоја од претставите.