fbpx

Мета факт: Делумно исполнето ветувањето на владата за помош на општините за набавка на нови контејнери и канти

-

Владата на Република Северна Македонија во Програмата за работа во периодот 2020-2024 година има ветено дека до крајот на 2024 година ќе обезбеди директна поддршка за набавка на 10.000 канти и контејнери на годишно ниво за општините како помош за заштита на животната средина. Ова владино ветување го оценуваме дека е во тек со спроведување и е делумно исполнето до денес, по повеќе од половина од изминатиот мандат на владата.

Централната власт навистина досега им има помогнато на општините во набавката на канти и контејнери, но првенствено на локалните самоуправи коишто се дел од Источниот и Североисточниот плански регион. На 26 февруари 2020 година, министерот за животна средина, Насер Нуредини изјави дека до крајот на јуни годинава 18 општини од Источниот и Североисточниот регион ќе ги добијат ветените контејнери за смет кои се набавуваат преку фондовите на ЕУ.

Во октомври 2020 година, на општинската веб-страница на Кратово, како една од локалните самоуправи лоцирана во еден од двата региона, е наведено дека во завршна фаза е изборот на најповолен понудувач за набавка на 3.923 контејнери што ќе се дистрибуираат во сите 18 општини во Источниот и Североисточниот плански регион. Новинската агенција МИА на 4 јули 2021 година објави и дека започнала дистрибуцијата на специјалните контејнери за отпад во општините од Источниот и Североисточниот регион, кои се дел од проектот за воспоставување на регионален систем за управување со отпад финансиран од ЕУ.

Исто така, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на 28 септември 2022 година најави дека средствата собрани од продажбата на пластични кеси во земјата ќе бидат наменети во поставување на нова инфраструктура за селекција на отпадот ширум државата.

„Тоа значи поставување на нови 5.000 контејнери за селектирање, а остатокот од средствата ќе биде наменет за едукативни кампањи за кревање на јавната свест за примарна селекција на отпадот и рециклирање на истиот”, дополни тој.

Имено, средствата од набавката на биоразградливи кеси кои чинат 15 денари ќе одат во фонд на Министерството за животна средина и просторно планирање, при што од декември 2021 година до јуни 2022 година се собрани над еден милион евра, информираше тогаш министерот Нуредини.

Во врска со реализацијата на активностите за набавка на 10.000 контејнери и канти на годишно ниво од страна на Владата на РСМ, Мета.мк до Министерството за животна средина и просторно планирање во два наврати на 30 септември и 4 октомври 2022 година испрати прашања на официјалните мејлови за контакт со медиуми за тоа во која фаза на реализација се наоѓа ова владино ветување во моментов и кои се плановите за негова реализација до крајот на мандатот во 2024 година.

Поаѓајќи од фактот дека во Програмата за работа на владата во периодот 2020-2024 година е ветено дека до 2024 година ќе се поддржат локалните власти во борбата за чиста околина преку набавка на 10.000 канти и контејнери на годишно ниво, а реалната ситуација на терен вели дека оваа бројка на набавени контејнери до денешен ден не е достигната, можеме да констатираме дека исполнувањето на ова владино ветување е во тек и досега е делумно исполнето. 

 

ИЗВОРИ

Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија во периодот 2020-2024, проверено на 30.10.2022 година;

Веб-страница на Министерството за животна средина и просторно планирање (28.09.2022 година): НУРЕДИНИ: Ако ги обезбедиме потребните услови, сигурен сум дека граѓаните ќе го селектираат отпадот, проверено на 30.10.2022 година;

Веб-страница на Општина Кратово (26.10.2020 година): Работна средба за донесување на финални одлуки за воспоставување на првото меѓуопштинско јавно претпријатие за управување со комунален отпад, проверено на 30.10.2022 година;

МИА.мк (4.07.2021 година): Карбинци доби 49 специјални контејнери за отпад, проверено на 30.10.2022 година;

Утринскивесник.мк (26.02.2020 година): Општините од истокот и североисток контејнерите и камионите за новата современа депонија ќе ги добијат во јуни, проверено на 30.10.2022 година;

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...