На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата на 91. седница ја разгледа и усвои информацијата за потребата од формирање на Меѓуресорска работна група која ќе предложи модел на реформа на безбедносно – разузнавачкиот систем во Македонија со план за негово воспоставување, информираат од Владата.

„Министерот за внатрешни работи во рок од три дена од добивањето на номинациите е задолжен да достави до Владата, предлог- одлука за формирање на Меѓуресоска работна група која ќе предложи модел на реформа на безбедносно – разузнавачкиот систем во Македонија со план за негово воспоставување“, се вели во соопштението.

Министерот за внатрешни работи вчера информираше дека следниот период ќе се избере моделот по кој ќе се реформира УБК.

Во рамки на проектот изработен со ДИКАФ направена е анализа на оваа реформа, за која, како што истакна, постојат три модели.

– Ќе ги разгледаме во периодот на консултации, ќе разговараме со новинарите, дипломатскиот кор, академскиот сектор и на крај ќе одлучиме. Сакаме да ги видиме предностите и слабостите на секој од нив – додаде тој.