fbpx

Медицинските комори бараат изземање од Законот за заштита на лични податоци

-

Законот за заштита на лични податоци да не се имплементира во приватните здравствени установи со мал број вработени, бараат Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката комора, бидејќи обврските кои произлегуваат од овој закон создаваат дополнителни административни обврски, како и непотребно финансиско оптоварување.

Коморите појаснуваат дека заштитата на личните податоци на пациенти е регулирана и имплементирана како приоритет во работењето на здравствените установи согласно строгите прописи кои произлегуваат од Законот за здравствена заштита.

„Законот за заштита на лични податоци наметнува неразбирливи и сложени постапки и процедури за здравствените работници. Во здравствените установи со двајца вработени, доктор и медицинска сестра, или фармацевт и фармацевски техничар, нема кој да биде обработувач на лични податоци, кој да е офицер за тајност на лични податоци, а кој контролор“, нагласуваат од Медицинските комори.

Според нив, изготвувањето на сите интерни акти, процедури и одлуки, изработката на документацијата за технички и организациски мерки или криптирањето, за малите приватни здравствени установи се дополнителна обврска и голем ангажман за малиот број вработени.

„Докторот и медицинската сестра, односно фармацевтот и фармацевскиот техничар и сега имаат обемни административни обврски кон институциите кои ја контролираат нивната работа, а со обврските од Законот за заштита на лични податоци уште повеќе непотребно се оптоварува ефективното време кое треба да биде посветено на пациентите“, наведно е во соопштението на коморите.

Тие предочуваат дека со наметнувањето на изготвување на интерни акти, процедури, одлуки и формулари во субјектите од здравството, вештачки се создала и добра почва за пазар за услугите што директно се поврзани со обврските што произлегуваат од Законот за заштита на лични податоци.

„Имено, многу поединци, адвокати и фирми се појавија како понудувачи на услуги за изготвување на правилници кои произлегуваат од Законот за заштита на лични податоци, со понуди со високи суми, што дополнително би го оптовариле и така малиот буџет на здравствените установи“, велат медицинарите и апелираат дека треба да се земе предвид дека оваа обврска се наметнува во време на пандемија кога здравствените работници се оптоварени со предизвикот да одговорат на зголемените потреби на пациентите поврзани со третман на вирусот.

„Докторите на медицина, фармацевтите и докторите по стоматологија имаат дадено Хипократова заклетва и работат согласно медицинската, фармацевтската и стоматолошката деонтологија и етика и заштитата на личните податоци на своите пациенти им е приоритет во работењето, а секоја дополнителна обврска само ги обременува здравствените работници и соработници и здравствените институции“, заклучија од Медицинските комори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...