fbpx

Вистиномер: Пропагандистот Дугин, сатанизацијата на Западот и апологијата на рускиот империјализам

Во оваа куса анализа, пишувана во време кога трупите на Путин упорно гранатираат цивилни објекти во Киев, ќе ја разгледаме идеолошко-пропагандната дејност на Дугин по воената „спецоперација“ на Русија, со потсетување на неговите пропагандни активности и пораки од „евроазиската“ мисија во Македонија во 2018 година, се вели во анализата на „Вистиномер“, што подолу ја пренесуваме во целост.

-

Александар Дугин, идеологот на „евроазиското движење“ и еден од најагилните воени агитатори и пропагандисти по руската агресија во Украина, е познат во македонската јавност уште по своето гостување во „Миленко Неделковски Шоу“ во 2015.

Тогаш, неговиот домаќин, кој имал прилика да прочита некоја статија на Дугин каде што ја промовира заедничката борба на христијаните и муслиманите против антихристот, директно го прашува: „Кој е антихристот?“. Дугин експлицитно му одговара дека „Антихрист е САД“, обвинувајќи дека се материјалистичка цивилизација и дека „сејат крв, зло и подлост“. Во истото „Миленко Неделковски Шоу“ од декември 2015, Дугин најави колапс на либерализмот, кој ќе повлече колапс на ЕУ, и „пророчки“ укажа дека „војната е неизбежна, вистинска голема војна“. Дугин го опиша и „максимумот на рускиот периметар“ на дејствување, со цел „ослободување на трите најважни светилишта на Русија – Киев, Константинопол, Ерусалим“ – укажувајќи дека Киев е „престолнина на рускиот свет“, Константинопол – престолнина на православието, а Ерусалим – светска престолнина.

Александар Дугин
Фото: Принтскин Миленко Неделковски шоу, декември 2015

Во оваа куса анализа, пишувана во време кога трупите на Путин упорно гранатираат цивилни објекти во Киев, ќе ја разгледаме идеолошко-пропагандната дејност на Дугин по воената „спецоперација“ на Русија, со потсетување на неговите пропагандни активности и пораки од „евроазиската“ мисија во Македонија во 2018 година.

Дугиновата сатанизација на Украина, Зеленски и на Западот

Александар Дугин се обидува да ја оправда руската агресија врз Украина користејќи широка лепеза на пропагандни техники, нарации и медиумски пораки. Една од техниките што ја користи е деификација (обожение) на каузата (Русија и „спецоперацијата“ во Украина) и сатанизација на противникот (украинската држава и Западот), односно оцрнување на противникот како „ѓавол“. На пример, на 13.3.2022 г., популарниот десничарски и пропутиновски портал „Инфомакс“ објави колумна (преземајќи ја од „Слободен свет“) во која Дугин испраќа застрашувачка порака дека војната на Русија против Украина е војна против самиот ѓавол, кој сака да го уништи човештвото и да ги претвори луѓето во роботи и мутанти:

„Вистинската војна не е против Украина, туку против Светскиот економски форум и неговите пеколни планови да го уништи човештвото со легализирање на сите видови перверзии, гревови и злосторства и на крајот претворајќи ги луѓето во роботи и мутанти и пренесување на моќта на вештачката интелигенција. Имаме работа со самиот ѓавол…“ – пишува Дугин.

Пораката дека Русија си има „работа со самиот ѓавол“ не е изненадувачка за упатените во пропагандната дејност на Дугин. Во своите книги Дугин проповеда дека Русија е на периферијата на „ѓаволополисот“ пропагирајќи „револуција против постмодерниот свет“ (Политички платонизам, Философија на политиката, 2019 г.). Исто така, Дугин во својата „Четврта политичка теорија“ ја опишува глобализацијата (во чиј центар стојат САД) како „кралството на Антихристот“, а униполарноста како зло. Во биполарните толкувања на Дугин, наспроти злото и „Антихристот“ е Москва – како „Третиот Рим“, како заштита од Антихристот или православна „тврдина“ (Katechon). Интересно е да се напомене дека Дугин не ги сатанизира само Украина и Западот, туку и самата Русија, за која тврди дека во 90-тите години е создадена од ѓаволот како „анти-Русија“.

Дугин ја оправдува „спецoперацијата“ на Путин како прекинување на врските со „ѓаволскиот“ Запад, како почеток на „последната битка на светлината и темнината, ние и тие, Евроазија и Атлантикот“. Битката со „ѓаволот“, според Дугин, не е само против Украина и Западот, туку и против петтата колона сатанизирана како „ѓаволски слој во руското општество“.

Кога ја користи пропагандната техника на сатанизација, Дугин не оцрнува само одредени држави (како Украина или САД), туку и конкретни личности на власт. На пример, веднаш по победата на Зеленски на изборите во Украина во 2019 година, Дугин на својот фејсбук-профил пишува дека ѓаволот победи на изборите во Украина и дека „вистинскиот распад на Украина започнува токму сега“.

Дугиновата апологија на рускиот империјализам: „Империјата го возвраќа ударот“?

Еден ден пред руската воена агресија врз Украина, Александар Дугин најави почеток на „руска евроазиска мобилизација“ со пропагандниот слоган „Новорусија е територија на иднината“. Зборувајќи во прво лице множина, од името на народот, Дугин обнароди дека „ние сме народ на империјата“. Наспроти „слава на Украина“, слоганот на Дугин е „слава на Новорусија“, израз прифатен од движењето „Царград“. Признавањето на „републиките“ во Украина од страна на Путин, за Дугин означува „втор почеток на големото словенско преосвојување“.

На 12 март 2022, Дугин гостуваше и во ТВ-шоуто кај најпопуларниот руски пропагандист Владимир Соловјев, кој го претстави како „лидер на меѓународното евроазиско движење“. Во својот познат пропаганден стил, Соловјев заклучи дека Западот си поставил задача за уништување – не толку на Русија, колку на рускиот народ, руската култура, на самиот дух на руската цивилизација. Дугин во својот „философски“ монолог се надоврза на „официјалните“ пропагандни митови на Соловјев, додека во позадина на разговорот се рекламираше руската воена машинерија во акција. Според Дугин, „спецоперацијата“ на Русија ќе ѝ овозможи да биде почитувана како сериозен играч на шаховската геополитичка табла, „како пол на мултиполарниот свет“ и како „суверена цивилизација“.

Дугин во ТВ-шоуто кај најпопуларниот руски пропагандист Владимир Соловјев

Сепак, Дугиновиот вистински пропаганден дом е рускиот православен ТВ-канал Царград, во сопственост на рускиот олигарх Константин Малофеев, кој се најде на листата со санкции на ЕУ во 2014, поради поддршка на дестабилизацијата на источна Украина. Самиот Дугин се претставува како поранешен главен уредник на „Телеканал Царьград“, а се опишува и како негов mastermind. Интересно е дека Малофеев како генерален продуцент на „божјата ТВ“ ангажира западен експерт – поранешен продуцент на Fox News – кој во 2022 година е кривично гонет од САД поради соработка со санкционираниот Малофеев, во обид да востанови ТВ-мрежи во Русија, Бугарија и во Грција.

Блискоста на Дугин со Константин Малофеев се огледа и во тоа што Малофеев го опишува како „философ и истомисленик“ во воведот на својата книга „Империја“, промовирана токму од Дугин. На промоцијата на книгата во декември 2021 г., Дугин истакнува дека „живееме во свет на империи“ и дека „никогаш не сме живееле надвор од светот на империите“. Притоа потенцира дека „христијанството и империјата се неразделни“ и оти Русија како „третиот Рим“ е продолжение на христијанската политика.

Дугин ја промовира книгата „Империја“ на рускиот олигарх Константин Малофеев

Во интервју со Дугин на ТВ Царград во почетокот на 2022 година, Малофеев го промовира својот империјален политички лозунг: „Империјата е наше минато и наша иднина. Ние не можеме, а да не бидеме империја“. Според Малофеев, Русија е „самодоволна голема цивилизација“, која мора сама да се развива: „или сме приврзок на западната цивилизација на парите, новиот глобален Канаан, или ние сме Империјата, Катехон, која го чува светот од злото“.

Константин Малофеев – Принтскрин видео

И од други многубројни медиумски објави можеме да согледаме дека Дугин и Малофеев не се само обични милитантни агитатори и пропагандисти, туку дека се однесуваат и како проповедници на „третиот Рим“ и идеолози на Путиновиот „евроазиски“ империјализам.

Во својата „геополитичка анализа“ објавена на 10 март 2022 година, Дугин потенцира дека „според законите на геополитиката“, Русија („Евроазија“) без Украина не е империја и цивилизација, но дека со Украина е империја и цивилизација. Дугин проповеда „обединување“ на Русија и Украина и пропаст на „униполарноста“ со геополитичката замисла за „унија на словенски држави“ како продолжување на „евроазиската интеграција“. Дугин тврди дека станува збор за „сосема нова страница во светската историја, мултиполарен свет и комплетна промена на светскиот поредок“, со источните Словени „интегрирани“ на територијата на „Евроазија“ .

Таквата евроазиска „интеграција“, според Дугин, подразбира „целосно укинување на моделот на национална држава и нација“, кој се развивал повеќе од 30 години во модерната постсоветска Украина. Геополитичкиот „пророк“ предвидува враќање на состојбата пред почетокот на државноста на Украина – „интеграција“ во една нација на источните Словени, чии разграноци се и Великоруси и Мали Руси (како и Белоруси).

А што ќе стане со граѓаните на Украина што се идентификуваат како Украинци? Пред почетокот на „спецоперацијата“, Дугин ја прогласи Украина за „failed state“, најавувајќи дека Украинците ќе платат огромна цена затоа што избрале да бидат „лакеи на Западот“. Ваквите имплицитни закани на Дугин не се ништо невообичаено ако се потсетиме на неговите експлицитни екстремистички изјави од 2014 година, кои на Youtube се отстранети како говор на омраза. По „спецоперацијата“, великорускиот империјалист Дугин почна да проповеда друга приказна, дека „Украинците биле и секогаш ќе бидат наши браќа и сестри“, дека „Украинците не се непријатели, тие се наши“ и дека „украинските браќа“ биле во трагична заблуда како резултат на пропагандата на Западот.

Дугин за „крајот на историјата“, „судирот на цивилизациите“ и „апсолутното зло“

На 24.2.2022 година, кога Путин ја започна „специјалната операција“ со воена агресија врз Украина, Дугин „обнароди“ дека се наѕираат контурите на „вечна Русија“ и дека тоа е религиозен момент: „Ова е религиозен момент. Не само геополитика или конфликт на интереси. Ова е судир на цивилизации“.

Во написот од 14.3.2022 година, „Крајот на историјата што никогаш не се случи и руската војна против либералниот поредок“, Дугин е убеден дека Хантингтон со „судирот на цивилизациите“ теоретски го победил Фукујама со „крајот на историјата“, но дека изразот на Фукујама „Путиновата војна против либералниот поредок“ е апсолутно коректен.

Дугин го повторува пропагандниот слоган дека „без Украина Русија не е империја“, сугерирајќи дека би било уште потранспарентно да се каже дека без Украина – Русија не би била цивилизација или „пол во мултиполарниот свет“. Според Дугин, „специјалната воена операција во Украина е клучниот моментум во етаблирањето на Русија како цивилизација, како суверен пол на еден мултиполарен свет“, и таа операција била насочена против либерализмот и глобализмот (против „дијаболичниот план на глобалистите“ и против модерниот либерализам како вистинско и „апсолутно зло“).

На 24.2.2022 г., кога руските тенкови почнуваат да ја газат Украина, пророкот на „Новорусија“ во својот „Катехон“ објавува демонизирачки коментари против либералите: „Кога се занимаваме со либерали, ние се занимаваме со опседнати луѓе. Тие се демонски опседнати“.

Но, како Дугин се обидува да ги оправда руските „цивилизациски“ напади против цивилни цели и против Украинците како засебна нација? Според Дугин, Украинците се дел од „троединствениот источнословенски народ“, а „биле убедени дека тие се дел од Западниот (глобален) свет“ и дека „Русите не се браќа, туку жестоки непријатели“.

По „логиката“ на Дугин, империјалистот Путин ги гранатира и бомбардира „демонски опседнатите“ Украинци за да ги „ослободи“ од западните демони и да ги „разубеди“ дека се браќа и дека не се непријатели. Додека „пророкот“ Дугин мака мачи да го оправда империјалистот Путин како борец „не против Украина, туку за Украина“ (но, во Евроазија), „Путиновата војна против либералниот поредок“ предизвика хуманитарна криза со илјадници жртви и милиони бегалци ужаснати од „цивилизациските“ постапки на „братска Русија“.

Дугиновата евроазиска мисија во Македонија и неговите следбеници

Откако во почетокот на 2018 година, маргиналната партија на Јанко Бачев НДМ се преименуваше во „Единствена Македонија“ (по урнек на Путиновата „Единствена Русија“), новобрендираната партија организира панел-дискусија за клучните политички цели – „Република Македонија во стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија“. На дискусијата како главен говорник беше претставен „проф. Александар Дугин, првиот советник на претседателот на Русија, Владимир Путин“. Дугин и „неговиот заменик проф. Леонид Савин“ и во македонските медиуми беа опишувани како Советниците на рускиот претседател Владимир Путин или Политичка извидница на Путин, а Дугин како „првиот советник на рускиот претседател Владимир Путин“ и „мозокот на Путин“, што беше протолкувано како претерување.

Пред почетокот на трибината, во изјава за новинари, Дугин ја истакна својата панславистичка определба за обединување на деловите од словенските народи и неопходноста „да не се жртвува словенското единство“. Клучните пропагандни тези на Дугин беа дека „ЕУ полека се растура“ и „Западот пропаѓа“ (Дугин: Не ви треба ЕУ, таа ќе се распадне), а „Русија е отворена како евроазиски сојуз“. Пораката на Дугин – „Ако бидете во рускиот сојуз ќе бидеме заеднички словенски свет“, беше проследена со укажување дека Русија не била против Западот: „Ние не се спротивставуваме на Западот, ние сакаме добро разбирање со сите народи, вклучително и европските народи“.

Од денешна перспектива, неверодостојните прикаски на Дугин од Скопје, дека Русија не се спротиставувала на Западот, беа демантирани од самиот Дугин, исто и како неговите неверодостојни описи на Русија како „демонизирана“ земја:

„Русија е демонизирана земја, за нас раскажуваат работи што не се вистински и коишто не се реални, дека ние сакаме да освојуваме, да потчинуваме, да се мешаме во внатрешната политика… Ништо слично нема на ова“ – отсечно кажа Дугин во Скопје во 2018 година.

Наспроти овие пропагандни думи на Дугин од 2018 г., демонизирачот Дугин во 2022 година ја оправдува Русија како империја која не е во војна со Украина, туку со Западот и Антихристот – кој имал пеколни планови да го уништи човештвото и да ги претвори луѓето во роботи и мутанти.

Со политички пропагандисти и пророци како Александар Дугин, Путиновата Русија не е „демонизирана земја“, туку земја која демонизира и сатанизира во обид да ја оправда неоправдливата агресија на Украина.

Пишува: Жарко Трајаноски, медиумски аналитичар

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...