Математичките гении Или и Македон на средба со министерот за образование Шаќири

Извор на фотографија: МОН

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска се сретна со двајцата млади генијалци за математика: 13 – годишниот Или и 7 – годишниот Македон. Денеска двајцата беа на средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој рече дека двајцата се иднината на земјава.

„Нивниот талент, желба за учење и посветеност треба да нè поттикнат да најдеме најсоодветни начини за да ги поддржиме. Тие се доказ дека нашата држава има одличен кадровски потенцијал кој бара институционален одговор, за да може целосно да се реализира. Во оваа насока се и нашите заложби, како Министерство за образование и наука, да им дадеме можности за квалитетна едукација, за развој на креативноста и иновативноста, со што ќе им обезбедиме добри услови за надградување, реализирање и работа. Токму тоа е целта на реформите на образованието, да овозможиме реализација на овие исклучителни потенцијали“, нагласи по средбата министерот Шаќири.

Поддршката за талентите, како што објасни Шаќири, почнува со нивно идентификување, во што неодминлива е улогата на наставниците, кои потоа работат со овие деца. Исто така, со сет политики, мерки и активности се вреднува, стимулира и поттикнува трудот на надарените, креативни и талентирани ученици.

Инаку оваа средба се случи откако Мета.мк пред една недела ја објави сторијата за младиот математички гениј Или Морина, кој живее во скопската населба Шуто Оризари и скоро секој момент го поминува решавајќи задачи по математика и физика. Тој за разлика од своите врсници, благодарение на своето знаење, следи настава за осмо одделение наместо за седмо. Сето она што го знае, Или го споделува на својот Јутјуб канал и така за него дознале многу студенти по архитектура, физика, економија и други науки поврзани со математиката. Помош од него бараат студенти од Северна Македонија, но и од светот.

Или има подготвено две збирки со задачи кои сè уште не се објавени и се надева дека ќе успее своето образование да го продолжи во математичка гимназија, наместо уште една година да тапка во место учејќи ги материјалите од основно, кои веќе ги знае.

Една од темите на разговор за време на средбата, како што за Мета.мк изјави мајката на Или, Имране Морина, била токму во врска со потребата за отворање можност за олеснување на понатамошното школување на Или за тој да може побргу да се запише во средно училиште.

Минстерот, исто така, на момчињата им ветил стипендии и им поклонил книги.