fbpx

Или Морина – 13 годишен математички гениј од Скопје што подучува студенти

-

Или Морина не е момче што времето го поминува надвор играјќи фудбал со врсниците. Тој има 13 години, живее во скопската населба Шуто Оризари и скоро секој момент го поминува решавајќи задачи по математика и физика. За разлика од своите врсници, благодарение на своето знаење следи настава за осмо одделение наместо за седмо. Се што знае споделува на својот Јутјуб канал и така за него дознале многу студенти по архитектура, физика, економија и други науки поврзани со математиката. Помош од него бараат студенти од Северна Македонија, но и од светот. На некои од нив, како на студентот по економија Бунјамин Бахтијари им држи часови дома.

„Учам тука со Или. Малку е чудно затоа што Или е мал, но многу знае математика и знае да ги објасни задачите многу добро. Задачите што не знае професорката да ми ги објасни тој ми ги објаснува подобро од професорката“, изјави Бунјамин за Мета.мк.

Тој верува дека неговиот мал професор го очекува славна иднина.

„Многу е талентиран. Веројатно еден ден ќе стане како Илон Маск бидејќи ги има способностите“, вели Бахтијари.

Во недостаток на соодветно адаптирана настава и книги според неговите потреби и талент, Или знаењето морал да го надополнува на интернет следејќи професори од странство. А, неговата мајка Имране, за да може да му помага, се решила да ја промени својата кариера и се откажала од студиите по медицина. Таа вели дека Или знаел да чита и да пишува уште кога бил многу мал. На само четири години се заљубил во математиката и од тогаш не престанал да решава задачи, па така почнал и јавно да го споделува своето знаење и сам почнал да си снима едукативни видеа.

„Кога имав девет години отворив канал за задачи по математика. На почетокот поставував полесни задачи. Но, кога ги работев, не бев сигурен па прашував еден професор од Косово, професорот Скендер Кастрати. Потоа додека се консултирав со него почнав задачите што ги учам да ги ставам на Јутјуб. Но, гледав и други професори од Индија, од Пакистан, од Америка, од Косово, од каде што можев. Задачите кои ги поставуваа тие, јас ги работев и ги ставав на Јутјуб. Така учев. Потоа почнав да работам со професорот Муса Зука и вежбав со него, и учествував на натпревари“, рече Или.

До сега тој освоил неколку први места на општински, државни и регионални натпревари. Но, тој се гордее и со успехот на студентите кои ги подучува.

„Студентите ми пишуваат кога имаат потреба, околу два, три пати во неделата. Имаат успеси. На пример, двајца студенти што ги подготвував за испити по математика, положија. Еден од нив е од Косово, а другиот од Африка, на него му помагав за задачи со лимити“, рече Или додавајќи дека до сега тој напишал и две збирки со задачи кои сè уште не се објавени.

Сега, Или се надева дека ќе успее своето образование да го продолжи во математичка гимназија, наместо уште една година да тапка во место учејќи ги материјалите од основно, кои веќе ги знае.

Неговата класна наставничка, Мерал Риза за Или има многу пофални зборови, но вели дека за жал, образовните програми кај нас не се прилагодени за талентирани деца и тоа често може да биде проблем и за децата и за родителите.

Такво искуство сподели и мајката на Или. Таа вели дека често како родител се соочува со проблем заради непостоењето адаптирана програма за талентирани деца.

„Не можеме точно да ги насочиме талентите со овој систем затоа што учениците така се трудат да бидат совршени само во однос на оценките, но не премногу за да го развијат нивниот вистински талент“, рече мајката на Или.

Видео интервјуто со математичкиот гениј Или Морина и со студентот Бунјамин Бахтијари, гледајте го во новата епизода на Шорткат, вечерва во 19 часот на каналите на Мета.мк на социјалните мрежи Инстаграм, Фејсбук, Јутјуб и ТикТок.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
ФИНКИ

ФИНКИ бара Владата да ги ослободи бараките на Техничкиот кампус, во спротивно најавува протести и штрајк

Најбројниот факултет во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бара од Владата решение за просторниот проблем со кој се соочува институцијата. Со повеќе од 5.000...