fbpx

Маричиќ: Не е време за партиски изговори, успехот е во одлучноста за членство во ЕУ

„Сега не е време за политички надмудрувања и изговори. Убеден сум дека ќе сведочиме за нов брз напредок кон ЕУ и успех во постигнувањето на врвните стратешки приоритети и национални интереси“, вели Маричиќ

-

Бојан Маричиќ, вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ за Манифестот на лидерите на политичките партии застапени во Собранието, а во врска со водењето преговори за полноправно членство во ЕУ, смета дека е уште еден повик и можност за обединување и начин да се докаже дека политичките партии имаат иста мисија и цел кога станува збор иднината на државата и граѓаните.

„Манифестот потпишан и поддржан од сите политички партии ќе биде силен доказ дека сите имаме иста мисија и цел кога е во прашање иднината на државата и граѓаните. Со заеднички глас за европската иднина да тргнеме по патот на целосно трансформирање на македонското општество“, пишува на Фејсбук профилот на вицепремиерот.

Маричиќ овој момент го гледа како историски за евроинтеграцијата на Северна Македонија и смета дека процесите добиваат на успех и вредност ако ги валоризираме во вистинско време.

„Сега не е време за политички надмудрувања и изговори. Убеден сум дека ќе сведочиме за нов брз напредок кон ЕУ и успех во постигнувањето на врвните стратешки приоритети и национални интереси“, вели Маричиќ.

За него сега е најважно сите да застанат на иста страна и со посветеност и единство да продолжат преговорите со ЕУ, оставајќи ги настрана политичките разлики да демонстрираат искрена намера за членство во ЕУ.

СДСМ и пратеничката група се изјаснија дека застануваат целосно зад Манифестот на лидерите на политичките партии застапени во Собранието, а во врска со водењето преговори за полноправно членство во ЕУ.

„Манифестот е добра основа за градење единство и со него се дефинираат рамки и позиции по кои сите надлежни институции мора да постапуваат во процесот на преговори. Овој Манифест е во рамките на црвените линии и заклучоците по европскиот предлог што ги усвои парламентарното мнозинство овде во Собранието и со него сите лидери на политичките партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните“, наведено е во соопштението од партијата.

Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ, денеска кажа дека со овој чекор власта уште еднаш ја испушта можноста за консензус.

„Османи, Маричиќ и Груби признаваат дека не мрднале ниту милиметар во насока на остварување на стратешките интереси на државата, тие покажуваат и отсуство на целосен капацитет за градење на консензус. ВМРО-ДПМНЕ откако официјално ќе го добие овој документ, ако воопшто има основа за разгледување, ќе го изанализира и ќе излезе со свој став“, вели Стоилковски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

И за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, ЕУ е приоритет – колку остварлив, не се знае

Во своите изборни програми СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја нудат ЕУ како највисок надворешен приоритет на државата. СДСМ бара уставни промени веднаш и ветува започнување и завршување на преговорите до...