Дигитализацијата на судство и реформите во правосудниот систем беа во фокусот на денешната заедничка прес конференција на премиерот Зоран Заев, министерот за правда Бојан Маричиќ и претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев.
Министерот Маричиќ, ги претстави планираните активности за дигитализација на судството.
„Целосно ќе се дигитализираат 34 судови и над 120 судници. Преземаме обврска да обезбедиме средства за одржување на опремата која ќе биде инсталирана во судовите, но и јакнење на човечките ресурси. Дигитализацијата ќе значи и воведување на онлајн судења, што многу ќе ги забрза постапките, кои ќе бидат и поевтини, а можностите за одложување значително намалени. На пример, со дигитализацијата и со промените на Законот за прекршоци, ако еден жител на Скопје направи сообраќаен прекршок во Охрид и ќе треба да оди на суд за прекршоци, нема потреба да патува до Охрид“, информираше Маричиќ, кој додаде дека со воведување на платформата за интероперабилност се овозможува поврзување на сите институции, побрза размена и достапност на податоците, поефикасна работа и побрзо опслужување на крајните корисници.
Судијата Нанев, претседател на работната група за дигитализација на судството, рече дека со неа се подобрува судскиот интегритет и се зајакнува довербата на јавноста преку јакнење на транспарентноста и отчетноста.
„Се подобрува и заштитата на системот, а и соработката со други меѓународни организации. Со Оперативниот план на Владата, обезбедени се 90 милиони денари (1,5 милиони евра) за 2021 година, а за 2022 година, тој буџет дополнително се зголемува. Средствата ќе бидат искористени за рехабилитација на хардверот и софтверот со што ќе се зајакнат системите за складирање на податоци во сите судови во државата“, рече Нанев, кој информира дека 187 судници ќе бидат опремени со најсовремена дигитална опрема за непречено онлајн судење.
Анализите покажуваат дека онлајн судењата за 60 отсто ја зголемуваат ефикасноста и транспарентноста, а се намалуваат и трошоците.
„Само со 15 институции приклучени на системот за интероперабилност ќе се заштедат 15 милиони евра на годишно ниво, или 2,5 тона хартија, односно 3.000 дрва“, изјави Нанев.
Спoред премиерот Заев, после повеќе од една деценија заробено судство и опструкции на последните бранители на криминалот од најголемата опозициска партија, донесени се системските закони во оваа област. Како резултат на овие реформи, предметите за организиран криминал и висока корупција се живи и добиваат и ќе добиваат судски разрешници.
„Високи функционери, министри, веќе издржуваат затворски казни за сериозни кривични дела. Минатата година Судскиот совет покрена 80-тина предмети, а десеттина судии се разрешени“, нагласи Заев.