fbpx

МАНД: Законите ни ги врзуваат рацете и оставаат простор за криминално работење

-

Неевропските и неспроведливи законски решенија, нивното манипулативно толкување, недефинираната стратегија за заштита на културното наследство и несоодветните услови за работа се дел од проблемите што ги наведоа членовите на Македонското аерхеолошко научно друштво (МАНД) на денешната прес-конференција пред зградата на Музејот на Македонија, а како реакција и протест за високите казни на кои беа осудени нивните колеги за кражбата на артефакти од Музејот, која беше откриена во ноември 2013 година.

– Сè додека се на сила несреќни, неевропски и неспроведливи законски и подзаконски решенија, сè додека се казнуваат музејски установи и нивни вработени без да се постави прашањето како е можно сите музеи во оваа држава во долга низа години да грешат на истоветен начин, сè додека буџетските средства се во целосен дисбаланс со институционалните капацитети и потреби, сè додека депоата во македонските музеи се импровизирани простории што не ги задоволуваат основните стандарди, сè дотогаш ќе остане горчливиот факт дека наместо вистинските виновници, на обивнителна клупа се најде самото културно наследство: понижено, незаштитетно, изнесено преку граница, украдено секогаш од непознати сторители – велат од Македонското археолошко научно друштво.

На новинарско прашање што најмногу им пречи на стручните лица од МАНД, во врска со законската регулатива, професорот на Филозофскиот факултет во Скопје и претседател на друштвото, Марјан Јованов, вели дека тоа се „нештата што им ги врзуваат рацете и оставаат простор за криминално работење“.

На прашањето дали стручни лица од друштвото биле вклучени во постапката што ја водеше Обвинителството, Јованов вели дека биле, но дека нивните стручни мислења не биле земени предвид.

– Секако дека беа вклучени и дадоа свои стручни мислења, свои вештачења за целиот случај, кои, за жал, Обвинителството не ги зеде предвид – рече професорот.

Во поглед на тоа дали од друштвото знаат кој е вистинскиот крадец или, барем, се сомневаат, Јованов вели дека да знаеле веднаш, ќе го посочеле и случајот ќе бил завршен онака како што треба.

– Нашите колеги со години ја работат оваа професија и тие беа дел од тимовите што го открија тоа културно наследство, го донесоа во Музејот, го документираа и го сместија во музејските депоа. Тоа наследство беше дел од неколку изложби, некои од нив и меѓународни. Кога се случија кражбите, беа обвинети колегите кои се затекнаа на раководните позиции. Но, кај нив не беше најдено ниту едно парче археолошки материјал за да се тврди дека се сторители на кражбата. Обвинителството никогаш не посочи кој го украл археолошкото богатство – рече претседателот на МАНД и повика на јавна дебата меѓу творците на законските решенија и стручните лица што се занимаваат со оваа проблематика за да се дојде до вистински закон кој ќе го штити македонското културно наследство.

Седуммината обвинети за кражбата на артефакти од Музејот на Македонија, на 20 март оваа година беа прогласени за виновни за кражбата на артефактите и осудени на вкупна затворска казна од 31 година.

Највисоки казни добија поранешниот директор на Музејот на Македонија, Перо Јосифовски, кој беше осуден на осум години и осум месеци затвор, Златко Видевски, кој доби затворска казна од шест години и осум месеци, и златарот Часлав Кузмановиќ, кој беше осуден на седум години и осум месеци. Другите добија казни од една до три години затвор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...